Почина големиот пријател на Македонија, шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон

Хусто Хорхе Падрон (Justo Jorge Padrón)

01.10.1943 – 11.04.2021

Мадрид-Скопје, 12. април 2021

Вчера, на 11. април, во шпанската престолнина Мадрид почина големиот поет, пријател на македонскиот народ и почесен конзул на Македонија во Кралството Шпанија, Хусто Хорхе Падрон, лауерат/носител на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата од 1990 година.

Хусто Хорхе Падрон (шпански: Justo Jorge Padrón) беше роден на 1. октомври 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските острови. Ги завршува своите студии по право, филозофија и книжевност на Универзитетот во Барселона, проширувајќи ги понатаму истите во Париз, Стокхолм и Осло. Беше генерален серетар на Шпанскиот ПЕН клуб во периодот од 1983 до 1993 година и основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ (1982-1994 г.), директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија (1992- 2002 г.), претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите (Мадрид, 1982), а во име на Висенте Алејксандре ја прими неговата Нобелова награда за литература (1977).

Неговата поезија е преведена на 50 јазици, а објавени му се стотина книги на странски јазици. Небројни се наградите и членството во реномирани институции кои ги добиваше од сите меридијани на светот, но тука ќе ги издвоиме само оние кои се поврзани со Македонија: покрај закитувањето со златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1990, ја добил и наградата Нова Македонија” за најдобра песна на Струшките вечери на поезијата во два наврати 1989 и 2002 година. Беше почесен доктор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, дописен член на Македонската академија за наука и уметност и добитник на Европската награда за поезија „Ацо Караманов“ во Радовиш во 2019 година. Беше номиниран за Нобелова награда за литература за 2020 година.

Македонската заедница од Албанија преку македонско друштво „Илинден-Тирана„ изрази сочувство до големиот поет Хусто Хорхе Падрон преку шпанската амбасада во Тирана изразувајќи благодарност за повеќедецениската поврзаност на поетот со Македонија и несебичната поддршка кој тој ја даваше на македонската држава за нејзино меѓународна етаблирање како независна држава, притоа претставувајќи ја Македонија како почесен конзул во главниот град на Кралството Шпанија, Мадрид. Вечна му слава и нека почива во мир!

Advertisement