Легендарниот бразилски фудбалер Пеле почина на 82-годишна возраст. Едсон Арантес до Насименто – Пеле беше еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Смртта ја потврдил неговиот агент Џо Фрага.
Пеле освои рекордни три титули на светските првенства и стана една од најистакнатите спортски фигури во минатиот век.
Од 2021 година се лекува од рак на дебелото црево, а последниот месец го помина во болница. Неговото семејство последните десетина дена ги мина со него во клиниката „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло.
Минатиот септември му беше отстранет тумор од дебелото црево, но ракот се прошири на другите делови од телото. Пеле беше подложен на хемотерапија, но без значителен успех.
Пеле е роден на 23 октомври 1940 година во Трес Коракоес, Бразил. Од 1956 до 1974 година играше за Сантос, по што помина две години во Њујорк Космос. Првата титула ја освои во 1958 година, кога како 17-годишник го воодушеви светот и веднаш стана клучен играч на репрезентацијата, втората титула ја освои четири години подоцна, а последната во 1970 година.
За бразилската репрезентација одигра 92 натпревари и постигна дури 77 гола и освои три Светски првенства во 1958, 1962 и 1970 година, што ниту еден играч не го направи.