Почина Мито Алексовски Клавчов претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска

 

На 19 август, на 81 години, во Полска почина Мито Алексовски Клавчов, насилно прогонет Македонец од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1948 година. Роден е во 1937 година во село Шештево (Сидерохори, по грчки), костурско. На единаесет годишна возраст, во 1948 година, протеран е од Егејскиот дел на Македонија, како и многумина деца претежно Македонци, за време на Граѓанската војна во Грција. Грчките власти никогаш не му дозволија при живот да се врати во родниот крај во Македонија. Мито Алексовски Клавчов беше дологодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска.

Неговата голгота е опишана во книгата “Што има Европа заборавено” и Во дукументарниот филм МАКЕДОНЕЦОТ снимен од неговиот син Петро Алексовски. Документарниот филм МАКЕДОНЕЦОТ беше прикажан во Европскиот Парламент и покрај барањето на грчките евро-пратеници да се забрани. Беше прикажан и на Македонската телевизија. Филмот, зборува за судбината на насилно прогонетите деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година чија жртва е и Мито Алексовски. Филмот е снимен во 2013 година од приватното Филмско студио АМИТАЛЛ во сопственост на Петро Алексовски.

Петро Алексовски е роден во Полска, тој е режисер и продуцент на филмот МАКЕДОНЕЦОТ, син на главниот актер во филмот Мито Алексовски, кој зборува за својата животна голгота од 1948 година до Полска каде останува. Филмот е документарен, трае 46 минути, ко-финансиран е од Полскиот институт за филм. МАКЕДОНЕЦОТ е филм кој плени со судбината на македонските и грчките деца испратени далеку од родната земја во виорот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. 28.000 деца се евакуирани во источно-европските земји, но на повеќе од 15.000 од нив не им било дозволено да се вратат дома. Истовремено, филмот раскажува и за судбината на децата кои се вратија дома, сега во Грција. Филмот МАКЕДОНЕЦОТ доживеал повеќе проекции во Полска, Чешка, Канада. Учествувал на Филмскиот фестивал во Гдањск во јуни 2015 година, на Филсмкиот фестивал во Краков во јуни 2014 година, прикажан е во Ополе, Лублин, Гдањск, Шчецин, Полице.

Во Полска луѓето не знаат дека во Грција има Македонци… Мислат дека ги има само во Македонија. Треба да се работи на вистината, да се пишува за вистината за историјата и географијата на Македонија во Европа. Јас на сите им кажувам дека сум Македонец, мене сите ме знаат како Петро Македонецот! Татко ми, за жал, е болен, но живее со надежта да оди во Грција, да ја види својата куќа, која за жал, е растурена, – вели Петро Алексовски.

…Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Мито Алексовски Клавчов, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен… Неговото почивалиште ќе остане далеку од дома, во Полска, но неговиот детски џагор и смеа вечно ќе шетаат по сокаците на Шештево со другарчињата на кои војната им го откорна детството, ги откорна од татковината, но им ги врати душите во родината.

Ќе ја пронајдеш повторно Мито твојата мајка, и таа како талка во Шештево заедно со татко ти, барајќи те тебе, сега вечно ќе сте заедно. Вечен му спомен и Бог да го прости. Почивај во мир, брате во Господа, Мито. Телото ќе ти остане во земјата полска, поради андартите кои и денес стражарат против нас Македонците. Но, твојата душа, засекогаш, со нас бесмртно ќе остане во Македонија. Ќе останат спомените за Мито и за откорнатото детство од Македонија… Амин!

 

https://www.youtube.com/watch?v=Xt4tDCYAULI&feature=youtu.be