Почина почесниот претседател на ОМО Илинден и уредник на весникот “Народна Воља“ симболот на македонскиот дух во Бугарија

Денес во деведесеттата година од животот, во Благоевград почина Георги Стоев Христов, сопственик и главен и одговорен уредник на весникот “Народна Воља“, борец за македонските права и слободи во Пиринскиот дел на Македонија, во Бугарија. Целиот свој живот го посвети на човековите права на Македонците во Бугарија. Заради неговите македонски активности и неговото потекло дека е Македонец, Георги лежеше долги години во бугарските затвори.

Георги Христов е роден на 17 мај 1931 година, во с. Јаново, Сандански (Свети Врач), во Пиринскиот дел на Македонија. Бил работник, управник на одморалиште, службеник во Окружниот народен совет во Благоевград, учител по Бугарски јазик и литература, окружен социјален инспектор и друго.

Во 1992 година Георги Христов од својот брат Александар Христов ја презема улогата на главен и одговорен уредник на весникот “Народна Воља“. Своите текстови ги потпишува со псевдонимот Јан Пирински.

“Народна воља“ е Македонски весник за теорија, историја, култура и уметност. Подолго време “Народна воља“ беше единствениот македонски весник во Пиринскиот дел на Македонија и воопшто во Република Бугарија. Весникот излегува еднаш месечно и се печати двојазично, на Македонски јазик и Бугарски јазик.

Првиот број на “Народна воља“ излегува на 1 октомври 1980 година во Сиднеј, Австралија. Како негови основачи се јавуваат повеќемина македонски емигранти, претежно од Пиринскиот дел на Македонија: Александар Христов, Крсто Енчев, Ангел Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски и други. Името “Народна воља“ е земено во спомен на истоимениот весник, издаван во почетокот на 20 век од Јане Сандански и неговите приврзаници – Санданистите.

За прв главен уредник на новата “Народна волја“ е избран Александар Христов (1929 – 2005). Поради неговото зминување во Лондон, заедно со него се сели и седиштето на редакцијата, па долги години потоа весникот излегува во Велика Британија.

Во 1989 година во Република Бугарија паѓа тоталитарниот режим на комунистичкиот диктатор Тодор Живков со што се создадени неопходните услови за понатамошна демократизација на бугарското општество. Кај пиринските Македонци се раѓа надеж за подобрување на нивната положба и така паѓа решение весникот да се пресели во родниот крај на неговите основачи.

Во април 1992 година во Благоевград излезе првиот број на македонскиот весник “Народна воља“, во новото седиште, сега и со новата редакција, чиј главен уредник е Георги Христов, брат на Александар Христов. Оттогаш весникот излегува непрекинато до ден денешен.

Основната идеја на весникот “Народна воља“ е да ја каже вистината за Македонија, за историјата на Македонија и се’ што е негативно од бугарска страна, сите фалсификати што ги прават тие за Македонија и за нејзината историја, да бидат со факти и аргументи, – знаеше да каже Георги Христов.

Иако регистриран според важечките бугарски закони, во првите години на излегувањето во Благоевград весникот се соочува со бројни проблеми. Така, без некакво образложение, Бугарската пошта одбива да потпише договор за дистрибуција низ земјата, а бугарските служби за безбедност преземаат разновидни мерки за да го попречат излегувањето на весникот: Притисоци кон членовите на редакцијата или дистрибутерите на весници кои се осмелуваат да го продаваат весникот, неколку полициски акции со заплена на одделни текстови, па и конфискување на целиот тираж на весникот.

По бројните протести на меѓународните организации за правата на човекот и слободата на изразување, како и поради приближувањето на Бугарија кон Европската унија, Бугарската држава престана да се меша во работата на весникот “Народна Воља“. Весникот почна да излегува непречено, а може да се најде во слободна продажба на киосците и да се нарача дури и преку Бугарската пошта.

Уште како ученик Георги Христов пишувал стихови, а неговите дела се објавувани во тогашниот весник “Пиринско дело“. Ја има објавено и стихозбирката “Попатен изгрев“.

Еден од најобемните трудови кој ги има потпишано Јан Пирински, односно Георги Христов е делото “Гневот на правдата“, во кое хронолошки се опишани повеќето настани кои влијаеле на правата на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија како и нивната борба за човековите права.

Георги Христов беше член на Светскиот Македонски Конгрес. На Осуманесеттото Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес, одржано на 9 август 2008 година, на Георги Христов му е врачено највисокото светско семакедонско признание, почесната титула Македонски сенатор.

Бог да го прости и нека неговата душа почива во Царството небесно каде што почиваат душите на праведниците.

 

Advertisement