Почина Виолета Сековска македонската поетеса 1962 – 2021

Вчера на 15 јуни 2021 година, ненадејно на педесет и девет годишна возраст од мозочен удар почина македонската поетеса Виолета Сековска.

Виолета Сековска е родена на 2 мај 1962 година во Скопје. Зад неа ги остави сопругот Јоцо, синот Панче со внуката и ќерката Сара. Беше почитувана сопруга, мајка и баба, во душа и со дело Македонка! Виолета Сековска основно образование завршила во Скопје, средно образование во гимназиските паралелки на Средното градежно и гимназиско училиште “Здравко Цветковски“ во Скопје, а дипломираше на Педагошкиот Факултет “Свети Климент Охридски“ во Скопје на кој се здоби со звањето дипломиран библиотекар.

Виолета Сековска е претставник на современата македонска поезија. Таа пишувала стихови и на млада возраст, но започнала да ја претставува својата поезија во 2011 година со нејзината прва стихозбирка “Македонија“ посветена на татковината. Потоа ги објавила стихозбирките “Срна и елен“, “Јас постојам“, “Вени“, “Петти елемент“, “Созерцание“, “Воскресение“ и “Бисер“. Автор е и на една збирка детска поезија “Светот на Јаков”.

Нејзината поезија е хармонично замислена, метрички пресметана како креативност на старите мајстори на хуманизмот и ренесансата, а нејзините мотиви се патриотски, духовно-религиозни и романтични. Знаеше да каже “Во името на земјата пишувам патриотска поезија, во името на Бога пишувам духовна поезија, а во името на љубовта пишувам љубовна поезија“.

Поезијата на Виолета Сековска е многупати пофалена, а нејзините стихови како коавтор красат многу поетски збирки и антологии во светот. Виолета Сековска беше организатор на бројни хуманитарни и културни манифестации, меѓу кои на поетско-музичкото шоу “Со љубов кон Македонија“ и хуманитарниот концерт за деца со посебни потреби “Од децата за децата“.

Добитник е на повеќе награди на фестивали и културни манифестации за интерпретација, за поет на годината и за најдобра песна во Македонија, Србија, Хрватска. Гостуваше повеќепати на македонските културни денови во Шведска, Данска, Албанија, Црна Гора. За неа поезијата не познаваше граници.

Многумина кои ја знаат, ќе ја паметат како жена со лавовско срце полно со љубов кон Македонија. Пленеше со нејзината прекрасна насмевка и позитивна енергија кои секогаш ги поседуваше и на другите им ги пренесуваше. Рецитираше во домови за деца без родители, во страски домови, во болници за болните, со нејзиниот милозвучен глас и топол збор сакаше да ги погали душите на оставените, на остарените, на осамените, на беспомошните, затоа што за неа љубовта беше живот и спасение!

“Од раѓање до гроб, Македонка сум!“ Твореше за Македонија, како Македонка живееше и како достојна Македонка замина тивко во мракот на ноќта меѓу ангелите. Виолета Сековска ќе биде запаметена како голем македонски патриот, љубител на македонскиот род и македонската посебност! Македонија и Македонците изгубија голем уметник. Многумина изгубија голем пријател и другар, знаеше секого да насмее, да го врати од светот на грижите и безизлезот во светот на верата, љубовта и надежта.

Од поезија не се живее но, за поезија се живее. Поетот гради мостови на соживот, – велеше Виолета.

Поезијата на Виолета Сековска не го остава читателот рамнодушен, затоа што нејзината поезија е лесна за читање и разбирлива. Беше вистински обожавател на пишаниот збор и најчест интерпретатор или промотор на стихизборки и романи на многу автори во земјата и странство.

Виолета Сековска беше пратеник во Светскиот Македонски Конгрес, присуствуваше на неговите генерални собранија, честопати облагородувајќи ги со нејзината поезија. Беше член на Одборот за одбележување на името и делото на Александар Трети Македонски.

И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наша сестра во Господа Виолета Сековска, прости и’ ги сите прегрешенија волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја нејзината душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен. Ќе го посетуваме нејзиното вечно почивалиште на гробишта, но знаеме дека нејзиното дело и мисла ќе не прогонуваат: Борете се за Македонците и за Македонија!

Твојата душа засекогаш со нас бесмртно останува, спомените за тебе и твојот лик и дела вечно ќе ги паметиме. Просветли ги ангелите на небото со твојата поезија, а стиховите за Македонија нека одѕвонуваат во рајот на Царството небесно. Твојата ѕвезда силно ќе свети на небото над сите нас и над Македонија. Виолета Сековска денес беше погребана на градските гробишта во Бутел. Вечна и’ слава и Бог да ја прости! Амин!

Advertisement