Почна изградбата на аеродром во Валона

Во рамките на одбележувањето на 109-годишнината од независноста на Албанија, во Валона, градот каде на 28 ноември 1912 година е прогласена независноста, денеска беше означен почетокот на изградбата на нов аеродром. На свеченоста зборуваа премиерот Еди Рама, кој најави дека по изградбата, со овој трет аеродром во земјата, ќе стопанисува аеродромот од Минхен, како и инвеститорот Беџет Пацоли.

Честит Денот на знамето и Денот на независноста. Денеска почнуваме нов чекор со добар пријател, личност која со своите дела го однесе своето име во многу земји во светот и е ценет од народите и од многу луѓе за она што го направил. Му благодарам многу на Беџет Пацоли. Фантастично е што аеродромот во Минхен доаѓа во Валона што гарантира менаџмент на највисоко ниво. Овој аеродром станува третата воздушна порта, по оној во Тирана и Кукс, меѓу четирите што сакаме да ги отвориме, а четвриот е сезонскиот аеродром во Саранда, што ќе работи како поддршка во шпицот на сезоната. Затоа ни требаат четири аеродроми, можеби за 20 години ќе ни требаат повеќе, рече Рама.

Пацоли меѓу другото нагласи дека почетокот на изградбата на аеродромот е од големо значење, затоа што е посебен проект што јасно покажува усогласување на владината соработка со приватниот сектор, која „создава услови да му обезбеди на инвеститорот законска и физичка инфраструктура, а инвеститорот доаѓа и без двоумење почнува со работа“. Планирано е аеродромот во Валона да се простира на површина од 297 хектари, а работите ќе ги изведува конзорциум компании предводени од косовскиот претприемач Беџет Пацоли. Изградбата треба да заврши во април 2024 а првиот лет е планиран за 2025 година. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 104 милиони евра.

Претходно беше одржана свеченост на кревање на знамето на која прсуствуваа премиерот Рама, шефот на државата Илир Мета и претседателката на парламентот Линдита Никола, кои се поклонија и положија цвеќе на споменикот на независноста Рама најави дека утре свечено ќе биде пуштен во употреба автопатот „Руга е Арбрит“ (патот на Арбр) кој оддалеченоста од Тирана до преминот „Блато“, на албанско-македонската граница кај Дебар ја намалува за повеќе од 100 клометри и ќе изнесува 72 километри.

Advertisement