Почнаа превентивни конзерваторски интервенции на манастирот во Матејче

Националниот конзерваторски центар – Скопје започна со превентивни конзерваторски интервенции на црквата Св. Богородица во Матејче за ова културно добро да се заштити од надворешни влијанија во зимскиот период, напиша министерката.

Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Претходно, министерката за култура на неодамнешната прес-конференција презентирајќи го предлог-буџетот на Министерството за култура за 2021 година меѓу другото, рече дека во рамките на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма ‒ „Културно наследство во опасност”. Во овој дел, министерката Стефоска посочи дека покрај другите приоритети се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години.

Активисти од Куманово, претходно алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.

Advertisement