Почнува ЕП 2024 – натпреварување со голема привлечност

Репрезентациите на Германија и на Шкотска вечерва, од 21 часот, во Минхен го отвораат Европското првенство во фудбал, натпреварување со голема привлечност. Европскиот шампионат во минатото издание, во 2021 година, имаше вкупна бројка од 5,2 милијарди гледачи во живо, просечна публика во живо за финалето од 328 милиони, просечна публика на натпреварите во живо од над 100 милиони гледачи и било гледано во 229 земји, преку 137 радиодифузери, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Англија и Франција се сметаат за фаворити за освојување на трофејот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Англија нема освоено голем меѓународен турнир од Светското првенство во 1966 година, но беше финалист на минатото ЕП, а Франција беше финалит на Светското првенство во 2022 година, пишува АП.

Како и на претходното ЕП, и годинава судиите ќе имаат помош од технологијата за гол-линијата и од системот видеопомошник-судија (ВАР), но првпат ќе има технологија на „поврзана топка“ и полуавтоматска офсајд-технологија. Официјалната топка за мечевите има технологија што испраќа прецизни податоци за топката до официјалните лица во реално време. Комбинирајќи ги податоците за позицијата на играчите со вештачката интелигенција, иновацијата придонесува за полуавтоматизираната офсајд-технологија и ќе биде клучна за поддршка на побрзи одлуки во натпреварот, пишува УЕФА.

Технологијата за поврзана топка може и да им помогне на службениците во ВАР да го идентификуваат секој поединечен допир на топката, намалувајќи го времето за решавање ситуации на играње со рака и за пенали. Полуавтоматска офсајд-технологија, пак, им овозможува на тимовите во ВАР брзо и попрецизно да одредат офсајд-ситуации, благодарение на десет специјализирани камери инсталирани на стадионот, кои следат 29 различни точки на телото на секој играч. Системот, воведен во Лигата на шампионите во 2022 година, се интегрира со топката за веднаш да ја идентификува точката на контакт со топката за анализираните ситуации за офсајд.

На годинашниот шампионат, 17-ти по ред, на кој третпат ќе настапат 24 репрезентации, титулата ја брани Италија. ЕП 2024 ќе се игра во 10 града во Германија (Берлин, Келн, Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг, Минхен и Штутгарт). Репрезентациите се поделени во шест групи, од кои по три кола во осминафиналето ќе се пласираат првите две селекции од секоја група и четири најдобри меѓу третопласираните. Групната фаза ќе се игра секој ден до 26 јуни (од 15, 18 и од 21 часот), осминафиналето е од 29 јуни до 2 јули, четврт-финалето на 5 и на 6 јули (од 18 и од 21 ч.), полуфиналињата на 9 и на 10 јули (од 21 ч.), а финалето на програмата е на 14 јули (21 ч.), на Олимпискиот стадион во Берлин.

Најтрофејни репрезентации по досега одржаните 16 континентални првенства се Германија и Шпанија со по три титули (1972, 1980 и 1996, односно 1964, 2008 и 2012 година), а по две имаат Франција (1984 и 2000) и Италија (1968 и 2021).

Advertisement