
Вселенскиот патријарх Вартоломеј I, заедно со својот гостин, архиепископот на Албанија Јоан, од вчера, сабота, 16 мај 2026 година, до понеделник се во посета на Кападокија.
Како што објави Вселенската патријаршија, двајцата поглавари, заедно со нивните придружби, пристигнале напладне на аеродромот во Невшехир, а потоа протоколарно ги посетиле гувернерот на Невшехир, и градоначалникот.
Во разговорите, Патријархот Вартоломеј изразил благодарност до локалните власти за сите олеснувања околу организацијата на денешното сослужување во храмот „Свети Теодор“ во Деринкују, како и за вечерната служба што ќе се одржи во храмот на Пресвета Богородица во Невшехир, а особено за топлиот пречек на сите поклоници кои пристигнале од Истанбул, Грција и од други места, стои во соопштението на ВП.
Попладнето двајцата поглавари го посетиле селото Џалела, поточно тивкиот храм „Чесен Крст“, во чиј двор го испеале „Свете тихи“, а потоа и блиската Синасос, каде што во нивна чест вечера приредил архонтот Григориј Хаџиелефтеријадис во својата стара раскошна куќа.
Архиепископот Јован, кого го придружуваат епископот на Амантија Игнатиј, главен секретар на Светиот синод, и архиѓаконот Јован, пристигнал во Истанбул во четврток вечерта. Во петокот, тој имал неформална средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, на која разговарале за актуелни прашања од заеднички интерес. Истата вечер присуствувале и на свечена трпеза организирана од заедницата Ксилопорта по повод неодамнешното одбележување на 1400 години од Акатистот на Пресвета Богородица, кое се одржало во светилиштето на Богородица Влахернска, стои во соопштението.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden