На 28.04.2023 година, Заводот за статистика на Србија ги објави конечните резултати за пописот на населението кој што се реализира во текот на месец Октомври 2022 година. По последниот попис од 2022 година, во Србија вкупно има 6.647.003 жители, што е за 539.859 лица помалку во однос на пописот од 2011 година, од тоа 5.360.239 кои се изјасниле како Срби.
Според конечните податоци објавени од Заводот за статистика, како Македонци се изјасниле 14.767 лица, што е 7.988 лица помалку, или за 35,20% помалку, во однос на пописот од 2011 кога како Македонци се изјасниле 22.755 лица. Во однос на пописот од 2002 година, кога не имаше 25.847, смалувањето е за 11.080 лица или 42,86%, а во однос на пописот од 1991 година, кога како Македонци во Србија се изјасниле 45.068, смалувањето е за 30.301 што е 67,23% ?
Бројките доволно зборуваат. Загрижувачка состојба, имаме континуирано, драстично смалување на бројот на граѓани во Србија кои се изјаснуваат како припадници на македонското малцинство, од попис до попис.
Дали можеме да бидеме задоволни од резултатите од овој попис? Дали се изненадување ваквите бројки? Дали стварно само толку не има во Србија, или ова се бројките само за оние кои се изјасниле? Колку Македонци реално има во Србија?
Многу прашања, одговорот јасен, по попис не има само 14.767. Имајќи се во предвид, не е никакво изненадување за ваквите бројки, посебно за Белград и општините каде има најмногу смалување на бројот на Македонци.
КАДЕ СТЕ МАКЕДОНЦИ, ВО СРБИЈА, КАЈ ЗАМИНАВТЕ, КАЈ ОТИДОВТЕ?
Како да си објасниме, каде заминаа, кај отидоа 7.988 Македонци од последниот попис во 2011 година досега? Каде исчезнаа 30.301 Македонци од 1991 година досега. Што е причината за ваквата состојба?
Секако дека треба да се изврши анализа? Но тоа ќе биде анализа на фактичката, конечната состојба затоа што резултатие од пописот се такви како се објавени.
Стручната јавност, надлежните служби и останатите кои се бават со таа проблематика, како од Србија така и од нашата матична земја нека анализираат и нека ги видат сите бројки, по региони, општини, по пол, старост, веросиповед и слично. Посебно нека ги анализираат бројките за бројот на лицата кои не се изјасниуле за својата националност, за лицата кои за својата националност се изјасниле по регионална припадност, за оние за кои националноста е непозната.
Анализа треба да извршиме и ние во македонската заедница во Србија. Да видиме, колку ние како Совет, здуженија, помогнавме или одмогнавме за ваквите бројки на последниот попис.
Секако дека треба да се земат во предвид сите реални фактори кои влијае на изјаснувањата на пописот – миграциите на младите македонци како и сите други млади, природната смртност, „тивката асимилација“, слогата или неслогата, делбите помеѓу Македонците во Србија, во Советот, Сојузот, здруженијата, партиите? Се знае зоште се формирани советите, здруженијата, како се финансираат.
Да ги анализираме бројките само за пописот во 2011 година и последниот попис. Не има помалку за 7.988 Македонци. Каде се тие лица, зошто е така, што ни се случува? Колку нашите програми, активности, потрошените финансии за образованието, културата, информирањето, јазикот што ги реализираме, придонесуваа за чување на јазикот, културата, јакнење на свеста, чувствата, определбите, идентитетот кај нашите Македонци, слободно да се изјаснуваат дека се Македонци.
Ако се анализираат натписите и изјавите од страна на Националниот совет, дека Македонците во Србија ги имаат сите права, дури имаат и поголеми права во однос на македонците од остатите ЈУ републики и на Балканот, со истакнување на остварените резултати во областа на образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото, се поставува прашањето, од каде сега вакви резултати.
Чија обврска е овде во Србија, да не има што повеќе на пописот и кој е одговрен за вака катастрофалните резултати посебно после овој попис?
Националниот совет е најодговорен за грижата на пописот да се изјаснуваме слободно и да не има што повеќе, имајќи во предвид дека советите се државни тела, кои се финансирани од државата и се грижат за остварувањето на колективните права на нашето малцинство од областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото, и со своите активности и финансиски средства, имаа можност да се има евиденција за бројот на македонците во местата каде има здруженија и можеа да помогнат за слободно изјаснување за националната припадност.
На второ место се нашите малцински македонски здруженија на граѓани, кои, иако се навладини организации, добиваат средства за своите проекти од Националниот совет, од своите локални самоуправи, од министерствата во Србија и од МНР од Македонија. Затоа се и основаат и постојат како малцински здруженија, за заштита на културата, идентитетот, јазикот…
На трето место, се и трите наши малцински партии /ДПМ, СМС и МАКСС/ имајќи во предвид дека првенствено овие партии се основани како малцински партии на нашето македонско малцинство во Србија и дека како членови на тие партии претежно се Македонците, за чии права се залагаат тие партии.
На четврто место се и сите други организации и асоцијации на Македонците, и поединчно сите Македонци во Србија.
За резултатите од пописот обврска имаат и сите надлежни институции од нашата матица земја, кои преку своите претставници од амбасадата во Белград, заедно со Националниот совет, здруженијата, политичките партии на Македонците во Србија, треба да се грижат да ни помагаат слободно да се изјаснуваме, да не има колку не има, да имаат евиденција за државјанствата, пасошите и да знаат каде и колку не има.
Зошто ова го истакнувам? Затоа што ние сме Македонци, затоа што наша татковина, матица земја е Република Македонија, денес Република Северна Македонија, затоа што нашата матица според уставот треба се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и да ги негува и унапредува врските со татковината, затоа што Националниот совет и здруженијата на Македонците во Србија се основани според законите и добиваат средства за заштита и остварување на правата како малцинство, на нас, македонците во Србија.
Овде истакнувам дека ние Македонците во Србија, не сме дијаспора, не сме исленици. Тоа што согласно прописите во Србија и посебно после потпишувањето на Спогодбата на 06.07.2004 година, меѓу Република Македонија и Република Србија за заштита на македонското национално малцинство во Србија и заштита на српското национално малцинство во Македонија, ние од народ постанавме малцинство во Србија, ништо не менува. Битно е дека со законот за Национални совети на Србија и останатите прописи, ни се уредени положбата и правата во остварувањето на нашите малцински права.
Тука бевме како македонски народ за време на бившата СФРИЈ, тука живеевме, тука останавме и после 1991 година. Ние сме народ, исто како и Србите во Македонија што се дел од српскиот народ, како стои во нашиот устав.
ШТО КАЖУВААТ БРОЈКИТЕ ОД ПОПИСОТ?
Сега како Македонци се изјасниле 14.767 лица. Толку! Друго е што ние мислиме и велиме дека не има многу повеќе, и сеуште се повикуваме на некои податоци дека во Србија живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци.
Дали ние како организации на македонците /совет, сојуз, здруженија, партии/ имаме некоја подобра евиденција, поточни резултати, дали знаеме колку и каде не има во општините каде делуваме. Да, имаме податоци, и треба да знаеме колку стварно не има.
Бројките, резултатите се битни за нашата работа, за финансирањето. Бројот на лица кои се изјасниле како Македонци е важен, значаен и за нашата татковина, да се знае дека сме Македонци, дека сме тука, дека постоиме. Битни се и за гласањата.
Што велат најновите бројки на македонците во Србија, анализирани само како бројки. Од 24 окрузи и град Белград, само во 7 / седум округа немаме здруженија на македонците. За последниот попис, најголеми смалувања на бројот на македонци, по окрузи и општини е по следното: Белградска област -2.677, Јужнобанатски округ Панчево -2.174, Јужнобачки округ Нови Сад – 441, Нишавски округ Ниш – 346… и така со ред. По општини – градови, најголемо смалување има во општина Панчево -1.538, Нови Белград – 468, Палилила – 374, Пландиште – 351, Чукарица -338, Звездара -308, Нови Сад – 292, Ниш – 284, Суботица -169, Вршац – 143, Врање – 102 и така со ред…
По пописот од 2011 година, Македонци немаше само во Општина Ада, а сега ниту еден Македонец нема во општините Осечина, Коцељева, Крупањ и Брус. Во 5 општини, бројот на македонци е ист како и во 2011 година, во 12 општини, во кои немаме здруженија на Македонците, има зголемување на бројот од 1 до 4 лица.
ЗАПИШАНИ ВО ПОСЕБНИТЕ БИРАЧКИ СПИСОЦИ И ИЗЈАСНУВАЊА НА ПОПИСОТ
Ако ги анализираме бројките од последниот попис со бројките на запишани лица во ПБС – Посебните бирачки списоци на нашето малцинство ќе видиме дека има малку чудни, несватливи и интересни бројки, кои ако се анализираат, барем малку ќе ни помогнат за сваќањето на толкавиот пад на Македонци по пописот.
Евиденцијата на ПБС ја води надлежното министерство. Тие списоци се битни само за гласањата за избор на Националните совети. Запишувањето во ПБС е доброволно, исклучиво на лично барање, со своерачно потпишување на изјавата – Барањето пред надлежните во локалната самоуправа каде живее. Иста постапка е и за бришење од тие спиоци.
Изборите за нашиот национален совет досега беа по пат на електори, со собирање на потписи за подршка на секој електор, од лицата кои се запишани во ПБС.
Од ова е јасно дека секое здружение, секој електор што се кандидираше досега на нашите избори, знаеше кој му дал писмена подршка, и имаше податоци за тие лица. Тие податоци ги имаа и здруженијата, што значи дека ние како македонска заедница, како здруженија, знаеме колку Македонци има во општините каде делуваме, знаеме кои се тие лица, ги контактираме, среќаваме…Само е прашањето дали делувавме на тие лица како ќе се изјанста на пописот.
Овојпат нема да се повторувам со проблемите околу запишувањата и бришењата од ПБС, посебно лани, непосредно пред пописот, кога ни се бришани 699 лица, па моравме на електорски избори, а со почетокот на кампањата за изборите, повторно се запишани нови 485 лица во тие ПБС. Имам писмено барање до надлежните, дали овие бришења, запишувања се вршени по пропис, закон, по Правилникот за таа работа. Сеуште чекам одговор.
Да се задржиме на бројките:
Во Панчево по последниот попис има 3.020 Македонци, за 1.538 помалку од пописот во 2011 а во ПБС има запишано 3.637 лица, што е за 617 повеќе во однос на лицата од последниот попис?
Или во Лесковац, по последниот попис има 203 Македонци, 88 помалку од 2011 гоодина, а во ПБС има запишано 618 лица, што е за 415 лица повеќе во однос на последниот попис?? Колку стварно Македонци има во Лесковац, ако оволку се запишале во ПБС, зошто не се изјасниле и на пописот како Македонци. Или е нешто друго во прашање.
За Врање, истата состојба. По пописот од 2022 има 153 Македонци, 102 помалку од пописот во 2011, а во ПБС има запишано 477, што е за 324 повеќе од последниот попис. Ако стварно има толку Македонци во Врање, 477, колку се запишани во ПБС, зошто така не се изјасниле и на пописот. Или и тука е нешто друго во прашање. Па и не чуди што за ланските избори за советот, од Врање имаше 9 електори, а според податоците имале можност само за 3 електора /за 1 електор 45 потписи подршка/ Ова го изнесов, со надеж дека ќе добиеме одговор од овие лица од Панчево, Лесковац, Врање, иако изнесувам дека мене ова ми е јасно од порано.
Нешто слично и во другите општини. За Белград нема да коментирам. Ако се знае дека преку здруженијата, евиденцијата на ПБС имаме можност за евиденција и податоци на Македонците во секоја општина, се гледа погубната политика за едно признато здружение во Белград /само „Македониум“, а другите 3 здрженија „Кочо Рацин“, Шар Планина“ и „Александар Македонски“ се „приватни здруженија“ и нема за нив подршка на проекти од советот.
Затоа не чуди толкавиот пад на Македонци во Белградски регион – 2.677, а по општини Нови Белград – 468, Палилила – 374, Чукарица -338, Звездара -308, Вождовац – 268, Земнун – 245, Раковица – 193, Гроцка – 99, Стари Град – 84, Савски Венац – 81, Врачар – 59 и така со ред…
Да не бидам погрешно разбран дека само критикувам. За Моравички округ каде делува нашето здружение, за општините Горњи Милановац, Ивањица и Лучани имаме 100% податоци за лицата запишани во ПБС, податоци за лицата по пописите од 2011, 2022 година, по име презиме, пол, возраст, школска спрема, занимање и други податоци, а за општина Чачак ги имаме овие податоци за 60% од запишаните по пописот од 2011 година, без оглед колку сега не има по попис од 2022 година. Овие и вакви податоци ги има секое здружение за македонците во нивната општина.
ЗА ГРИЖАТА И ОБВРСКИТЕ НА НАШАТА МАТИЦА?
Зошто сеуште немаме Културен центар? Што е проблемот, до кога да чекаме?
До кога и што чекаме за нашето барање за отварање на катедра по Македонски јазик и Лекторат во Белград? Македонија помага за школување на наши деца, студенти Македонци од Србија. Со една паметна политика, да планиравме да завршат на факултетите за Македонски јазик, досега ќе имавме и магистри и доктори, и Катедра и Лекторати, ќе имавме соодветен кадар за преведувачи, толкувачи. Изучувањето на Македонски јазик со елементи на национална историја ќе беше реализирано од страна на тие лица а не како сега, некаде тоа го работаат несоодветни лица. Имаме ли евиденција колку стипендисти кои факултети ги завршиле, кои се тие лица, од кои општини, окрузи, каде се денес тие лица, што работат? Колку од тие лица се членови на Советот, претседатели на здруженија, во раководствата на партиите…
Колку време нема амбасадор на нашата татковина во Србија? Што е проблемот?
Досега требаше да имаме барем три почесни конзули во Србија, за регион Војводина, за регион Шумадија и Западна Србија и за Регион Јужна и источна Србија. Од пред две години, сме имале конзул за Златиборски округ, со седиште во Чаетина? Кој е тој конзул, што работи, таму немаме ни здружение на Македонците.
Колку државјанства и пасоши се издадени досега, со помош на подвижните екипи во соработка со советот, здруженијата?
Колку бирачи доаѓаат во амбасада за оставрување на своето право за гласање?
Кои проекти и кои здруженија досега се финансираа преку проекти од МНР? Како ќе ни се помогне за прославата на нашите званични признаени празници на нашата заедница во Србија?
Ова се само дел од обврските за грижата на нашата матица за нас во Србија. Сите овие наведени работи имаат влијание на нашите чувства, определби, изјаснувања за националната и верска припадност на пописите.
Го потенцирам и прашањето за грижата на нашата матица за следење на спогодбата и остварувањето на нашите права согласно потпишаната спогодба, и за состанувањето на тие комисии најмалку еднаш годишно, што не се почитуваше досега.
ЗА ГРИЖАТА И ОБВРСКИТЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ
Еден ден после објава на резултатите се огласи и Националниот совет на нашата заедница во Србија, со свој допис. Да не бидам погрешно разбран, што и како објаснуваат, прочитајте го нивниот допис.
//https://www.facebook.com/nsmnm.rs/posts/pfbid02s1sfG5LLpHU7V7Kok2T2ceVcsCh6Q474FNaxXbTEep6mgH5Gh3N5pu36CBBibYdxl// /сабота 29.04.2023 год/
„.. Речиси сите малцинства забележаа чуден и драстичен пад…Мошне чудни и досега ретко забележани пописни резултати..“
Чудни, нечудни и досега незабележени резултати, и тоа дека и другите малцинства забележале драстичен пад, не ни е некоја утеха. Резултатите од пописот се званични, конечни. Мора да ги прифатиме, почитуваме, применуваме тие бројки.
Дали и колку попишувачи, контролори и во другите органи во Заводот за статистика околу пописот, имаше Македонци. Дали Советот имаше некои сознанија за неправилности и дали упати некои примедби, забелешки во текот на пописот.
Националниот совет најмалку треба да се чуди, да се прашува што се случи со пописот на националните малцинства. Во објаснувањето што ни се случи со пописот, прво нека каже за своите обврски, права и должности, за сегашните бројки од пописот, за проектите, за финансирањето :
Имаме евиденција и знаеме колку не има во Јужнобанатски округ, во секоја општина од тој округ, каде е седиштето на советот, каде има најповеќе здруженија, каде досега имаше најповеќе Македонци од 1947 година досега.
Колку од членовите на советот и претседатели на здруженија имаат државјанства на Македонија, колку лица имаат пасоши.
Каква е соработка со надлежните од нашата матица и како тоа да се подобри.
Се знае како се финасираат советите, од буџетот на Р.Србија и буџетот на АП Војводина, 30% се делат во еднакви износи за сите 23 совети колку ги има сега во Србија и 70% се делат сразмерно на бројот на припадниците на секое малцинство по резултатите од последниот попис.
Како сега ќе се работи со 35% помалку добиени финасиски средства, за четирите области, со околу 6.000.000 рсд, а порано имавме 9.500.000 рсд годишно. За што ќе се планира и троши помалку? За плати на вработените, за канцелариите на советот и здруженијата, за што…?
Што има да каже за разликите по пописите, барем за својот округ, град Панчево.
Очекувам во своите идни натписи околу пописот, од Советот да се каже нешто повеќе за тоа КАКО ПОНАТАМУ, после овие резултати.
На претседателот на Нашиот совет му посакувам добро здравје и брз опоравок. Ова време на пауза и одсуство од работата, нека го искористи за детална анализа за работа во советот. За анализа на бројките од пописот, анализа на фиктивните запишувања и бришења во ПБС, потполна анализа на работата на советот, здруженијата, смена на „вечните и незаменливи“ поеднинци кои се во советот, здруженијата од основањето досега.
Овие резултати со пописот се црвената линија за еден детален ресет на работата на нашата македонска заедница во Србија, за наше добро, за Македонците во Србија пред се! Што предлагам? Националниот совет да подготви една тркалезна маса, на која ќе се изнесат анализи за сите овие прашања, со детални предлози, КАКО ПОНАТАМУ. Не треба да се грижите за финансирање на таква тркалезна маса, само нека се организира, сите ќе дојдат на свој трошок. Детално за бројките околу пописот за нашиот округ ќе изнесам на таа тркалезна маса.
Смислете план, направете концепција, пратете дописи да се почне со изработка на нова Стратегија за работа на нашата заедница, 2023-2028, која може да се донесе за 3-4 месеци, затоа што претходната заврши.
Смислете законски начин, за нови избори на советот, до крајот на годинава. Крајно време е работата да им ја оставиме на младите, а ние повозрасните да бидеме само членови на здруженијата, советници, помагатели.
Заклучок
Резултатите од пописот се важни за секоја заедница, па така и за нашата македонска заедница во Србија. Заводот за статистика вели дека има 14.767 Македонци. Толку! Ги прифаќаме тие и такви резултати, без оглед на се што влијаело на тие бројки, ние знаеме дека не има многу повеќе, знаеме кои сме. Македонија, Македонците опстојувале, го задржале својот јазик, културата и во времето кога не сме имале држава.
Глобализацијата во светот, регионот, на републичко, општинско ниво и домашен терен, во сите области, развојот на науката и техниката, утре вештачката интелегенција, се важни, битни, треба да ги прифатиме и применуваме, но во работата на нашата заедница, не смееме да ги заборавиме основните, традиционалните вредности, начелата зошто сме формирани, зошто постоиме.
За сите Македонци кои денес живееме надвор од нашата татковина Република Македонија, АСНОМ, темелот на нашата државност не обврзува да продолжиме да се бориме за заштита на нашата култура, јазикот, обичаите, да се бориме за националните и верските чувства на сите наши Македонци во Србија. Колку сме, толку сме, токму сме, ние знаеме дека не има многу повеќе од тоа што е прикажано во пописот.
Славе Груевски
п.с.
Во Септември 2023 година е пописот во Албанија. Браќа и сестри Македонци во Албанија, од Вас зависи колку Македоници ќе има по тој попис, затоа сложно напред. Учете на туѓите грешки, искуства, анализи, поуки. Поготвени сме и секогаш достапни за совети.