Поранешниот каталонски лидер пуштен од притворот во Италија

Поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон е пуштен од притворот во Италија, по одлуката на судот дека може на слобода да го чека сослушувањето на 4 октомври за екстрадицијата во Шпанија, која го обвинува за обид за отцепување на Каталонија. Пучдемон на Сардинија требаше да учествува на фестивал и да се сретне со функционери на овој италијански остров, но веднаш по слетувањето беше уапсен на аеродромот.

Судијката Плинија Клара Азена за Асошиејтед прес кажа дека неговото апсење било оправдано, но дека по прегледувањето на документацијата одлучила дека тој може слободно да патува. Таа со уште двајца судии на 4 октомври ќе одржи сослушување за одлуката за екстрадиција на Пучдемон на Шпанија.

Сардинија има силно влијание од каталонската култура и сопствено движење за отцепување од Италија. Пучдемон и понатаму е член на Европскиот парламент, но одземен му е пратеничкиот имунитет. Премиерот на Шпанија Педро Санчез изјави дека ги почитува сите правни процедури почнати во Шпанија, Европа и во овој случај Италија и повтори дека дијалогот е единственото решение за каталонското прашање.

Advertisement