Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг, Михаил Рот, е последниот од големата низа влијателни светски политичари што бараат од Софија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признае македонското малцинство.
Наспроти упорното игнорирање на постоењето на македонското малцинство во Бугарија и на многубројните пресуди, одлуки и укажувања на надлежните меѓународни организации и институции од страна на бугарските власти, во светската јавност, пред сѐ политичката, секојдневно се зголемува свесноста за постоењето на овој многу важен проблем во бугарско-македонските односи.
Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг, Михаил Рот, е само еден во целата низа политичари, кој поздравувајќи ја средбата на премиерите на Бугарија и на Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски, пред некој ден ѝ порача на Бугарија дека конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признае македонското малцинство. Сепак, експертите се резервирани во однос на евентуални позитивни ефекти од ваквите пораки и укажувања, па дури и пресуди.
Изјавите на Рот и на сите други, според мене се само за да ја ублажат нашата горчина, а самиот факт дека ОМО “Илинден“ – Пирин има 16 пресуди во своја полза од страна на Европскиот суд за човекови права, кои властите во Софија упорно не ги реализираат, покажува дека всушност станува збор за еден вид „меко право“ и дека судот ја нема егзекутивната моќ.
Освен тоа, независно кој и што однадвор да зборува или да прави во однос на овој проблем, ние треба да сме свесни оти и самите, со уставните измени во 1992 и во 2019 година, како и со Преспанскиот договор со Грција и со Договорот за добрососедство со Бугарија, се откажавме од своите малцинства во други земји. Европската Унија, пак, нема ефикасен механизам за решавање на колективните права, особено не во земјите што веќе се нејзини членки и каде што пропуштила да ги регулира тие односи во текот на пристапните процеси – оценува професорката Билјана Ванковска.
Инаку, Рот пред некој ден го оцени како недозволива практика неспроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Многу е добро што се среќаваат новите премиери на Бугарија и на Македонија. Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја – напиша Рот на Твитер.
Претходно, кон крајот на минатата година, по посетата на делегацијата на Комитетот за граѓанските слободи, правосудството и внатрешните работи при Европскиот парламент на Словачка и Бугарија, претседателката на делегацијата, Холанѓанката Софија инт Велд од либералната политичка групација, констатираше дека во Бугарија има дискриминација на некои групи што претставуваат малцинство.
Нејзината колешка, Ирката Клер Дејли од европската левица, во дебатата за извештајот, дури и конкретно го посочи проблемот изразувајќи разочарување што во извештајот не се споменуваат дискриминација и говор на омраза кон македонското малцинство. Во октомври лани, и републиканската конгресменка Клаудија Тени на седницата на поткомитетот за надворешни работи во претставничкиот дом на САД потсети дека Бугарија има 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.
Таа го праша заменикот на помошник-секретарот и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, што прават американските власти за да се осигурат дека Бугарија ги исполнува своите обврски како членка на НАТО, во врска со таквите прекршувања на човековите права.
Нашата амбасадорка во Софија, заедно со нејзините европски партнери, работи на терен да се осигури дека овие проблеми ќе бидат адресирани. Нашето партнерство со европските партнери е засновано на вредности, не само на заедничкиот интерес туку и на споделените вредности и сè што ја нарушува таа врска е причина за голема загриженост за нас – одговори тогаш Ескобар. Веднаш потоа, конгресменката Тени, со уште 12 нејзини колеги, испратила писмо до бугарскиот амбасадор во Вашингтон, Тихомир Стојчев, со кое ја повика Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.
До пред извесно време, како што беше објавено, конгресмените не добиле одговор од бугарскиот амбасадор. Не ни се допаѓа однесувањето на бугарската влада во овој момент и мислиме дека треба да биде повикана на одговорност. Треба да осигури дека сите малцинства се третираат со почит. Само за да бидат дел од НАТО и од ЕУ тие мора да ги применуваат овие стандарди. Сакам да видам САД и администрацијата да направат повеќе да ги заштитат и промовираат човековите права, конкретно во овој регион – изјавила Тени./www.novamakedonija.com.mk