
Министерство за животна средина и енергетика на Грција
Со министерска одлука, потпишана од министерот за животна средина и енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, пошироката планинска област на Преспа на грчка територија е прогласена за „недопрена планина“, со цел „ефикасна заштита и одржување на подрачјата на мрежата Натура 2000 и на видовите што живеат таму, додека не се одобри Специјалната еколошка студија и не се утврди начинот на користење на земјиштето и правилата за заштита“, јави дописничката на МИА од Атина.
На одлуката се осврна и портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, а информираа и од надлежното Министерство, посочувајќи дека „регионот на Преспа претставува еден од најважните природни екосистеми на Балканскиот Полуостров, каде што се среќаваат значајни типови на живеалишта, водни и шумски екосистеми со висока биоразновидност и речиси целосно е во рамките на две заштитени области на мрежата Натура 2000“.
Нејзината еколошка вредност е уникатна, бидејќи е дом на богата флора, вклучувајќи ретки и ендемични видови, како и значајни видови на диви животни, како што се кафена мечка, волк, дива коза и голем број видови на птици. Паралелно водните живеалишта на Преспанските езера обезбедуваат клучни живеалишта за ретки видови водни и крајбрежни птици, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.
Додадоа дека со дополнителните услови и ограничувања на областа на Преспа, намерата е да се обезбеди институционално високо ниво на заштита, кое вклучува, меѓу другото и „спречување на промена на користење на земјиштето, што е главната причина за губење на биодиверзитетот и шумските ресурси на глобално и европско ниво, спречување на фрагментација на природните и шумските екосистеми од патишта и вештачки површини, како и зачувување на видовите на живеалишта и видовите флора, диви животни и птици кои се среќаваат во конкретната област“.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру рече дека прогласувањето на пошироката планинска област на Преспа за недопрена планина, на најјасен начин ја потврдува нивната цврста посветеност за суштинска заштита на природното богатство на Грција.
Преспа претставува ризница на биодиверзитет, екосистем со уникатна вредност, што мора доследно и одговорно да го зачуваме. Не се ограничуваме само на декларации, туку преземаме конкретни институционални интервенции со долгорочно еколошко влијание. Оваа одлука ја зајакнува рамката за зачувување на област со меѓународно значење и е целосно усогласена со принципите на одржлив развој. Ја штитиме природата како живо наследство за идните генерации, посочи Папаставру.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden