
Делегација од Општина Брвеница оствари официјална посета на Општина Булќиза, при што беше потпишан Меморандум за соработка со цел зајакнување на меѓуопштинските и прекуграничните односи.
На средбата, која се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, претставниците на двете општини разговараа за можностите за продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, со посебен акцент на аплицирањето и реализацијата на заеднички проекти во рамките на ИПА и ИПАРД програмите.
Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски упатија искрена благодарност до Општина Булќиза и градоначалничката Фестиме Мјештри за топлиот пречек, гостопримството и покажаната подготвеност за партнерска соработка.
Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон унапредување на локалниот и регионалниот развој, како и кон зајакнување на пријателските односи меѓу двете општини.
Од двете страни беше изразено уверување дека воспоставената соработка ќе резултира со конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за подобрување на условите за живот на граѓаните и развој на локалните заедници.
На територијата на Општина Булќиза припаѓаат и административните единици Острени и Требиште, област Голо Брдо, населени главно со Македонци.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden