
Претседателите на САД и Иран, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан, го потпишаа договорот за прекин на војната на Блискиот Исток, со кој Исламската Република се согласи да го разреди својот збогатен ураниум во замена за значително олеснување на економските санкции.
Трамп го потпиша Меморандумот за разбирање за време на свечена вечера во дворецот Версај, по завршувањето на самитот на Групата Г-7, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и други гости.
„Штотуку го потпишав“, им изјави Трамп на новинарите при напуштањето на дворецот.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, потврди дека документот е финализиран со потписите на двајцата претседатели, дека Трамп и Пезешкијан го парафирале договорот по електронски пат.
Пакистанскиот премиер, Шахбас Шариф, кој посредуваше во постигнувањето на договорот, објави дека тој стапува во сила веднаш.
Договорот има цел да стави крај на конфликтот што започна на 28 февруари меѓу САД, Израел и Иран, а кој доведе до ракетни и беспилотни напади низ регионот и сериозно нарушување на пловидбата низ Ормуската Теснина.
Како прв чекор од договореното, Иран веднаш ќе ја отвори Ормуската Тесннина за меѓународен сообраќај, додека САД ќе ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа.
Според текстот на договорот, Вашингтон ќе ги замрзне санкциите за продажба на иранска нафта веднаш по потпишувањето, а целосното укинување ќе следува доколку во рок од 60 дена се постигне траен договор.
Од иранска страна е предвидено во рок од 30 дена целосно да се обнови пловидбата низ Ормутската Теснина, чија блокада предизвика значителни последици врз светската економија и енергетските пазари.
Меморандумот предвидува и отворање разговори за иранската нуклеарна програма, како и формирање фонд за обнова и економски развој на Иран, што ќе биде поддржан од државите во регионот.
Договорот претходно беше парафиран од главниот ирански преговарач, Мохамед Багер Галибаф и американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс.



Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden