
Православните верници денес го одбележуваат големиот христијански празник Педесетница, во народот познат како Духовден, кој е посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден по Христовото Воскресение и десеттиот ден по Неговото Вознесение.
Според христијанското учење, Исус Христос за време на Својот земен живот повеќепати им најавувал на учениците дека ќе го испрати Утешителот – Светиот Дух, кој ќе ги упати кон вистината, ќе ги зацврсти во верата и ќе го прослави Неговото име.
Непосредно пред Вознесението, Христос повторно им ветил на апостолите: „Ќе примите сила кога на вас ќе слезе Светиот Дух“. По тие зборови, учениците останале заедно во молитва, чекајќи го исполнувањето на ветувањето.
Светото предание сведочи дека слегувањето на Светиот Дух било проследено со силен шум, а над секој од апостолите се појавил огнен јазик. Исполнети со Светиот Дух, тие почнале да зборуваат на различни јазици и да го проповедаат Христовото учење меѓу народите.
Бидејќи преку Светиот Дух се извршуваат сите свети тајни во Црквата, Педесетница се смета за ден на нејзиното основање, односно за роденден на христијанската Црква.
Духовден е еден од најзначајните празници во православниот календар и се одбележува со свечени богослужби во храмовите, каде што верниците се молат за духовен мир, благослов и сила.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden