Предавање за Македонската каусија во етнолошкиот музеј за капи и шапки во Рига

Во етнолошкиот музеј на капи, шапки и главопрекривки во Рига, Летонија проф. Георги Гоце Дуртаноски денеска имаше предавање со наслов:

„Македонската каусија: капа на македонската кралска елита од крајот на 4 век пр.н.е.„ (The Macedonian Kausia: Headwear of ancient Macedonian royal elite in the late IV century B.C.)

Концепт на музејот не се капите и шапките од модерната ера и модата, туку се работи за постојана изложбена збирка на национални капи и шапки, она што го создале рацете на народниот гениј како дел од материјалната и духовна култура на народите, оттаму и префиксот „етнолошки музеј„.

Предавањето го појасни процесот на настанокот на македонската каусија од антиката поткрепено со бројни археолошки наоди (релјефи, фрески, монети…), како и опстанокот на македонската каусија низ вековите и на Исток и на Запад, но под различни имиња. Денеска каусијата, во скоро идентична форма како во антиката, најраспространета е во Авганистан, Пакистан и делови од Индија како материјално-културна оставнина од походот на Александар III Македонски и неговата војска.

Македонската каусија во овој дел од светот денес се јавува под името „пакол„ или „пакул„ а во Читрал во Пакистан на локалниот ковал јазик се нарекува „капол„. Македонската каусија била препознатлив декор на македонската кралска елита во македонското кралство од антиката. Во науката македонската каусија сеуште останува ретка особеност на македонската елита/аристокатијата, а пурпурната боја на каусијата го означувала кралското потекло на носителот или неговите најблиски.

Предавањето за македонската каусија беше уникатна презентација од ваков тип во Рига, и предзивика голем интерес кај академската заедница, студентите и сите заинтересирани за историјата на античките Македонци и нивната улога во историјата на светот. Заради зголемениот интерес, по барање на музејот предавањето беше повторено. Во витрините на постојаната изложба во Етнолошкиот музеј на капи и шапки во Рига објаснувањето за македонската каусија претставува 4 држави: Македонија како земја на потекло, Авганистан, Пакистан и Индија како земји каде традицијата сеуште продолжува.

Покрај македонската каусија како машка капа, поставката содржи уште една (женска) капа од Македонија од 17 век, од Мавровскиот регион. Признание и благодарност упатувам и до моите колеги и поддржувачи кои слободно може да ги сметаме како подеднаков/рамноправен дел од предавањето за македонската каусија: д-р Александар Спасов за консултација на литература и продлабочен идеен концепт, академскиот скулптор Сашо Поповски кој донираше биста на Александар Македонски која како експонат (со каусија) ќе биде изложена за музејот на капи и шапки во Рига, на Весна Апостолоска ѝ останувам благодарен за безбедниот транспорт на бистата и другите музејски експонати кои ги донесе од Македонија во Летонија, и на дизајнерот Ирина Самарина за изработка на минијатурна каусија од пурпур за бистата на Александар Македонски која ќе биде дел од колекцијата во музејот на капи и шапки во Рига. Без овие личности ова предавање немаше да се случи или немаше да го има ефектот и крајниот резултат, кој наместо еднаш се случи двапати. Искрена благодарност до сите вас. Предавањата пред пошироката публика во балтичките држави се дел од отпорот на македонскиот народ за зачувување на историското и уставно име на Македонија стекнато во својата многувековна национална борба за сувереност и државност. Предавањата ги посветувам на моите внуци Филип и Александар Аминта носители на имиња на македонската династија Аргеади.

Македонија вечна!