Преку игра учениците ја истражуваа Преспа

Во соработка со Националниот парк „Пелистер“, Македонското еколошко друштво (МЕД) минатата недела одржа едукативна работилница во ОУ „Даме Груев“ во Битола, каде што со учениците ја играше социјалната игра „Преспа“.

Создадена со цел да ги поттикне нивното знаење и љубопитноста за биолошката разновидност и природните живеалишта во регионот, оваа игра им овозможува на учениците да се стават во улога на млади еколози, да решаваат предизвици и да откриваат интересни факти за прекуграничниот Преспански Регион. Ваквите активности придонесуваат за градење одговорни млади генерации, кои со знаење, љубопитност и со ангажираност ќе продолжат да се грижат за природното наследство на Преспа – соопштија од МЕД.

Оттаму информираат дека оваа работилница се реализирала во рамките на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ), во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

Партнери во спроведувањето на проектот се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Спроведувањето на проектните активности е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република СМакедонија и од Националниот парк „Пелистер“.