
Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши денеска оствари возвратна посета на Република Албанија, предводејќи делегација составена од пратеничките Јулија Тушевска и Фериде Хаџиу, членки на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Албанија.
На средбата со Елиса Спиропали, претседателка на Собранието на Република Албанија, беше истакната извонредната и динамична соработка на двете држави, со бројни реализирани средби на сите нивоа, што е показател и пример за квалитетна соработка меѓу две држави.
Претседателот Гаши и честиташе на Албанија за почетокот на пристапните преговори со ЕУ и изрази очекување дека двете земји и понатаму ќе соработуваат на планот на европската интеграција. Беше подвлечено дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла.
Во контекст на парламентарната соработка, којa има бројни потенцијали, од страна на двајцата претседатели беше истакната можноста за поголема соработка меѓу комисиите за европски прашања и националните совети за евроинтеграција, со оглед на заедничките интереси на двете држави во евроинтегративниот процес.
Соговорниците истакнаа дека единствениот пат кон побрзо економско унапредување на Регионот е регионалниот пазар и заедничко интегрирање во истиот, бидејќи е природно добрите економски односи во регионот да бидат придружувани со добри политички односи и само на тој начин регионот реално ќе напредува.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden