Претседателот на Владата, Зоран Заев се сретна со претставници на Македонската горанска заедница на Косово

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се сретна со претставници на Македонската  горанска заедница на Косово, претседателот Авнија Рахте и секретарот/координатор Аце Димовски. На состанокот се поздравени интегративните политики на премиерот Заев и реализацијата на концептот „Едно општество за сите“. Констатирано е дека политиките на пријателство и дијалог на премиерот Заев се пример и силен поттик за соработка и почитување како меѓу граѓаните во државите од регионот, така и за добрососедските односи.

На состанокот е разговарано за помош и поддршка на некои проекти важни за Македонската горанска заедница на Косово, од страна на Владата во нашата држава, согласно законските можности. Соопштено е дека Македонската горанска заедница на Косово како невладина организација е регистрирана во октомври во 2007 година, со што е овозможена институционална соработка на Македонската горанска заедница којашто е традиционално присутна во Косово со тамошните власти. Соработката, како што е посочено се однесува на прашања од економски и социјален карактер, односно подобрување на животните услови на Македонската горанска заедница на Косово, како и за заштита, грижа и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски континуитет и статус.

„Бидете уверени дека се грижиме и ќе се грижиме за сите граѓани, вклучувајќи ги и Македонската горанска заедница на Косово, кои живеат и работат во Косово, кои се мирољубиви луѓе и со својата конструктивност придонесуваат во мирот и во развојот во пошироки рамки“, рече премиерот Заев.