
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој со средбата со претседателот ја отпочна посетата на Македонија.
Претседателот Пендаровски ја оцени посетата на Високиот претставник Борел на Македонија и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.
Претседателот Пендаровски подвлече дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година.
Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Македонија, рече претседателот Пендаровски, се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.
На средбата се разговараше и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden