Претставничкиот дом на САД изгласа главниот град да стане нова сојузна држава

Долниот дом на Конгресот, во кој демократите имаат мнозинство, изгласаа со 216 гласа „за“ и 208 „против“ за иницијативата американскиот главен град да стане федерална држава.

Жителите на Вашингтон Д.Ц. со големо мнозинство ги поддржуваат демократите, па како федерална држава би донеле уште двајца демократски сенатори во горниот дом на Конгресот, со што би се сменила рамнотежата на силите во Сенатот, кој во моментов има 50 демократи и 50 републиканци. Демократите со децении се обидуваат да му дадат федерален статус на Д.Ц., а овој пат тие се охрабрени од изборот на Џо Бајден за претседател и контролата врз двата дома на Конгресот. Последните територии кои добија ваков статус беа Хаваите и Алјаска во 1959 година.

Демократите велат дека тоа ќе реши неколку вековна неправда за повеќе од 700 000 граѓани на САД кои плаќаат федерални даноци, се борат и умираат во војни, служат како поротници и не можат да гласаат во Сенатот или Претставничкиот дом. Новата федерална држава би се викала „Вашингтон, Даглас комонвелт“, според првиот американски претседател Џорџ Вашингтон и Фредерик Даглас, поранешен роб, кој станал познат борец против ропството во 19 век.

Advertisement