Принцот Едвард, грофот од Весекс во официјална посета на Македонија

Посетата на грофот од Весекс на Македонија ќе ги истакне цврстите релации со Обединетото Кралство. За време на посетата принцот ќе се фокусира на областите во кои Британија ја поддржува земјата во развојот на стабилноста, просперитетот и можностите за идните генерации, соопшти амбасадата на Велика Британија во Скопје.

Неговото височество принцот Едвард оствари билатерални средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски, а заедно со премиерот Зоран Заев ќе присуствува на прием со Чивнинг стипендисти на британската влада, како и млади лидери и едукатори. Високиот гостин исто така ќе посети градинка каде ќе му биде претставена програма спроведувана од УНИЦЕФ со поддршка на британската влада. Програмата за ран детски развој помага за развој на инклузивно однесување кај децата во претшколска возраст, како инвестиција за социјалната инклузија во иднина.

Принцот, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе присуствува на настан на кој ќе бидат промовирани врските помеѓу Обединетото Кралство и Македонија во областите на животната средина, образованието, инклузијата и уметноста. Ќе бидат презентирани примери каде со помош на британска поддршка младите луѓе работат на изнаоѓање одржливи решенија за урбано планирање и биодиверзитет, одржлива мода, образовната програма „Училишта на 21 век“ спроведувана од Британскиот совет и инклузивна танцова претстава. Посетата на принцот Едвард е точно 13 години откако ја отвори новата британска амбасада во Скопје на 16 мај 2006 година.