Продолжува растот на винарската визба Тиквеш

Tрендот на раст на приходите, кој минатата година изнесуваше 9 отсто, се очекува да продолжи и оваа година, со зголемување на продажбата на домашниот и на странските пазари, покажува неревидираниот финансиски извештај за 2016 година на компанијата Винарската визба „Тиквеш“.

Вкупните приходи на „Тиквеш“ во текот на минатата 2016 година забележале раст од 112,8 милиони денари, што претставува зголемување за 9 отсто во однос на претходната година. Ваквиот раст се должи на зголемените приходи од продажбата на вино на домашниот пазар за 12 процент, како и од растот на приходите од извоз за 6 отсто. Растот на приходите генерираше и пораст на бруто добивката од 27 отсто, што со пониските оперативни расходи за 6 проценти на винарската визба „Тиквеш“ забележи зголемување на оперативната добивка за 32 отсто во однос на претходната година.

„Задоволни сме од остварените резултати кои покажуваат дека нашата стратегија за долгорочен развој се остварува онака како што е зацртанo“ е првичниот коментар на објавените резултати од генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски, кој додава дека „фокусот на натамошниот развој на „Тиквеш“ останува имплементацијата на најновите глобални трендови во винската индустрија, развојот на нови вински брендови на висококвалитетното македонско вино во светот“.

Винарската визба Тиквеш  очекува продолжување на позитивните финансиски резултати и во 2017 и реализација на планираното зголемување на приходите од продажба за 10 отсто во однос на 2016-та година, при што учеството на приходите од продажбата на домашниот пазар се очекува да биде 48 процент, а на извозните пазари 52 отсто.