Продолжуваат консултациите меѓу Русија и Белорусија

Русија и Белорусија ги продолжуваат консултациите за интеграциите, изјави заменик шефот на администрацијата на претседателот на Русија на крајот на руско-белорускиот самит.

„Нашите разговори беа позитивни. Се договоривме да ги продолжиме консултациите на ниво на Влади, на ниво на министерства и служби заради усовршување на механизми за интеграциите, зајакнување на интеграциите“, рекол заменик шефот на администрацијата на претседателот на Русија Димитриј Козак.

Според неговите зборови, двете држави се договориле за испораката на гас за 2020 година под минатогодишните услови, пренесе Спутник. Козак нагласи дека Минск барал попуст за цената на нафтата, но тоа би значело дека државата би го регулирала пазарот што е невозможно.

„Не можеме да ги менуваме постоечките правила на игра. Би ги ставиле нашите нафтени компании во нејасна позиција, но ќе помогнеме да се постигнат комерцијални договори меѓу потрошувачите во Белорусија и руските нафтени компании“, рекол Козак.

Тој нагласил дека цената и обемот на испорака на енергенси ќе биде регулирана од пазарот. Козак во целина го окарактеризирал како позитивен разговорот меѓу претседателите на Русија  и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко.