Промоција на книгата „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“

Богодоличното славје на Бигорската слава во чест на Усекновението на пречесната глава на Свети Јован Крстител, годинава беше збогатена и со еден прекрасен настан – промоција на монументалното дело, монографијата „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“ од авторот г. Киро Кипроски.

Промоцијата се одржа по завршетокот на свеченото богослужение, во големата сала за свечености на Бигорскиот Манастир, во присуство на: Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј, свештенослужители, научни работници, новинари, верници и почитувачи на Бигорски. Водител на настанот беше г-ѓа Ленче Смилевска, а промотори на книгата јеромонах Кирил Бигорски, уредник на изданието, и г. Марјан Велевски, новинар и уредник на „Нова Македонија“. На крајот од промоцијата говореше и авторот на делото, г. Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство. Целиот настан го украси настапот на хорот на Бигорскиот Манастир.

Всушност, станува збор за книга, своевиден летопис за поновата историја на Бигорскиот Манастир – имено, за времето во кое дејствува возобновеното монаштво во него, почнувајќи од 1995 година, со доаѓањето на сегашниот Игумен, Епископот г. Партениј. Професионалниот и овенчан со големо искуство, новинар Киро Кипроски, со своето летописно перо, трпеливо и истрајно ги бележел сите позначајни настани во Бигорски и случувања поврзани со него и истите ги објавувал по разни пишани и говорни медиуми. Така, тој создал еден исклучително богат фонд со над 200 написи за Бигорски во изминативе тукуречи три децении. Сега, сите тие собрани во еден зборник, претставуваат значајно новинарско, историографско, етнографско и црковно дело – писмено богатство не само за Бигорската Обител, туку и за сето наше општество.

„Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“ е во издание на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча, со јеромонах Кирил како уредник и јеромонах Анатолиј како технички уредник. Печатењето се изврши во „ГрафоПром“ – Битола, а финансиски покровители на изданието се г. Жарко Миленкоски и г. Александар Јовановски, на кои им ја искажуваме нашата голема благодарност. Книгата се издава во чест на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир.

Во продолжение ги приложуваме предговорите на Митрополитот г. Тимотеј и на Епископот г. Партениј.

Автентичен летопис на Бигорски

Годинава кога одбележуваме два големи јубилеи на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ – десет столетија од основањето и 25 години од возобнувањето на монашкиот живот, мојот повеќе децениски пријател, Киро Кипроски, новинар, патописец и публицист, доајен на македонското новинарство, ни ја подарува оваа скапоцена монографија: „Иконата под Бистра – закрилник на Православието“. Со голема љубов и посветеност кон манастирот, мошне успешно, низ многубројни новинарски текстови и фотографии го следи две и пол деценискиот развој и растеж на славната Обител и сето тоа собрано во книга дава голем придонес за поновата историја на ова древно македонско духовно светилиште. Делото е единствено, исклучително, автентично, неповторливо. Зошто го велам ова? Затоа што, колку што мене ми е познато, во нашава држава и пошироко не е отпечатена  книга  од автор – хроничар, кој ги бележи буквално сите позначајни случувања и процеси од многу плодниот манастирски живот и со своето новинарско перо истите ги овековечува.

Како ревносен хроничар и искусен новинар, Кипроски се посветил, преку текстови од сите новинарски жанрови, редовно, квалитетно, објективно – со еден збор, професионално да ја информира јавноста за сите активности и збиднувања во макотрпниот процес на обновувањето на монашкиот живот во Бигорскиот манастир, кој беше укинат во 1948 година, со смртта на последниот монах и игумен Спиродон.

Тој неуморно пишува за трудот што го вложиле монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица и Пречиста, раководени од нивниот игумен и старец Партениј, за воскресението на манастирите, за враќање на животниот дух кај населението во Долна Река, преку редовните богослужби, црквувавањето, обновувањето на заборавените или запоставени православни обичаи и традиции при празнувањето на празниците. Напоредно со тоа, новинарското слово на Киро Кипроски нè информира за сите чекори и постапки за враќање на некогашниот сјај  на манастирскиот комплекс, како и за неговиот нов блесок со додатните зданија и архитектонски реализации. Во текот на еден четврт век опстојување на монашкото братство на игуменот Партениј, Кипроски правилно и навремено ја известуваше македонската јавност и преку печатените и електронските медиуми го афирмира Бигорскиот манастир како неприкосновена православна институција, каде духовноста игра значајна улога врз македонскиот народ. Во монографијата се поместени само дел од многубројните статии и фотографии од неговото богато  новинарско творештво објавувани во печатените медиуми: „Нова Македонија“, „Утрински Весник“, „Македонија“, „Порта–3“ и „Битолски Весник“, како и транскрибирани тонски материјали, емитувани на програмата на „Радио Гостивар“.

Ракописите на монографијата длабоко го привлекоа моето внимание и ми ги вратија сеќавањата и спомените за еден мошне богат и разновиден период од мојот работен век, како надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА.

„Во Бигорскиот манастир ќе се обнови монашкото братство“ – извештај емитуван на 7 мај 1995 година, на брановите на „Радио Гостивар“, прилог на новинарот Киро Кипроски. Ден пред тоа, по завршувањето на литургијата што ја отслужив во чест на патронот на манастирскиот храм „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, во пријателскиот разговорот, Кипроски ми ги пренесе незадоволствата на верниците поради лишеноста на манастирите од монаштво. Внимателно го слушав, тоа беа и негови забелешки, го разбрав оправданото негодување и желбата за обнова на монашките братства и сестринствa. Тогаш, живо се сеќавам, му одговорив: „Стрпете се уште малку. Доаѓаат убави денови за Бигорскиот манастир. Летово за игумен ќе поставам едно младо момче, добро образовано, со монашко искуство од Света Гора. Ќе видите, времето ќе покаже, тој ќе го воскресне манастирот“.

Текстовите во монографијата: „Иконата под Бистра – закрилник на Православието“, ме вратија низ годините, ми ги оживеаја некогашните настани. Всушност, делото на најдобар начин го презентира трновитиот пат на возобновата на Бигорското светилиште.

Со Бигорскиот манастир ме поврзуваат неизбришливи спомени, кои така умешно се запечатени во стотиците текстови и фотографии, кои Кипроски ги  создаваше во изминативе 25 години. Сето тоа, ја прави за мене оваа монографијата едно капитално дело, летопис, алманах, енциклопедија на нашето еминентно духовно светилиште, кое со право се нарекува и стожер на МПЦ-ОА.

Многу настани, многу случувања, богослужби, празнувања, замонашувања, средби, посети на верски високодостојниците од државава и од надвор, на државници, политичари, стопанственици, културни работници, естрадни уметници и друго, се прецизно регистрирани во монографијата. Затоа, на сите љубители и почитувачи на Бигорскиот манастир топло им ја препорачувам оваа скапоцена и добро изработена, сеопфатна монографија.

Со архиерејски благослов,
Митрополит Тимотеј,

Охрид, 22 јуни 2020 година

Предисловие

Почитувани читатели и љубители на Свештената Бигорска Обител,

Ретки се годишнините и јубилеите коишто одбележуваат не само одреден настан, процес или збиднување, туку во себе носат и цивилизациска порака, говорат за раѓањето на една цела култура, прославуваат општ духовно-историски образувачки континуитет. А особено ретки се оние годишнини, коишто, покрај сето ова, го пренесуваат и гласот од вечноста, од Царството на Божјата љубов и вистина, глас што повикува на покајание, на преумување, на духовно будење и обожение.

Среде тие, како речно злато ретки годишнини, спаѓа и годинешниов милениумски јубилеј на нашата Света Обител, основана во далечната 1020 година, од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин. Цели илјада години Бигорскиот Манастир, како некое небоземно незаодно светило, ја осветува нашата почва со сјајот на Божјата благодат и светост, непрестајно творејќи една култура на православната духовност и клима за обожение на богосоздадените човечки единки, од кои многумина засветлиле тука со своите бесмртни подвизи и дела на љубовта, просветлението, Божествената наука, но и на световните умешности и творенија.

За сите тие славни бигорски дејци дознаваме од свештената манастирска историја, од зачуваните и живи преданија, од историографски белешки, од летописите и записите. Кон илјадагодишното течение на Бигорската Обител и фактографското забележување на настаните во него, во последните три десетлетија се надоврзува и вештото и минуциозно летописно перо на ветеранот во македонското новинарство, ненадминливиот и секогаш позитивен г. Киро Кипроски. Просто, не постои некое поголемо манастирско собитие, празник, слава, промоција, средба, градба, а да не е забележана од писателската рака на овој најголем и уникатен хроничар на Бигорски, по род Мијак од славниот Галичник. Бројни и бројни статии, известувања, репортажи и интервјуа посветил г. Кипроски на десетвековната Реканска Светиња. Сите тие содржат драгоцени содржини и податоци, со кои јасно се испишува најновата бигорска историја.

Овие умствени писателски и новинарски творби на нашиот особен пријател и соработник, награден со почесниот бигорски орден „Претеча“, најпосле се собрани на едно место, во овој прекрасен зборник, со наслов што пренесува моќна порака: „Иконата на Бистра – закрилник на Православието“. Оваа книга, всушност, претставува своевиден современ летопис на Бигорскиот Манастир за последните триесетина години, време преисполнето со настани и дејствија, дотолку повеќе што во тој период се паѓа возобновата на монашкиот живот и на Обителта воопшто. Сите позначајни манастирски случувања се умешно фактографирани од г. Кипроски, така што оваа негова книга е навистина своеобразна литерарна „Икона“ на Бигорската Обител за изминатите дваесет и пет години, колку што е старо и возобновеното монаштво во неа.

„Иконата на Бистра“ излегува во годината кога Бигорски го слави своето илјадалетие и тоа не е случајно. Затоа што ова дело и неговиот автор со златни букви се впишуваат во оваа милениумска опстојба, како едни од најплодните дрвја од летописната градина на историјата.

Епископ Партениј,
Игумен на Свештената Бигорска Обител,

24 септември 2020 лето Господово

Advertisement