Промоција на монографија за Св.Владимир во Ресен

 

 

Изложбата „Портретите на Светиот Владимир на Балканот од XVII до XX век“ и промоција на монографијата „Светиот Кнез Владимир“ ќе се одржат во петок во 19 часот во ресенскиот сарај.Изложбата и промоцијата се продолжение на воспоставената соработка од областа на културата која Општина Ресен ја заснова со Општина Бар од Црна Гора и општина Елбасан од Република Албанија.

Изложбата „Портретите на Светиот Владимир на Балканот од XVII до XX век“, која во декември беше поставена во изложбениот салон на МАНУ, ќе ја претстави проф. д-р Сашо Цветковски, додека пак за монографијата „Светиот Кнез Владимир“ ќе говорат гостите од Црна Гора – академик Сретен Перовиќ, уредник и Милорад Алексиќ во име на издавачот на фондацијата „Св. Петар Цетински“  од Подгорица.
Во холот на ресенскиот сарај ќе настапи и хорот „Св. Ахил Преспански“  со интерпретација на црковна византиска музика, а меѓу другото ќе се читаат и фрагменти од стихозбирката „Така љубеше Косара“ од Лидија Дочовска Павловска.