
Во организација на Скопската епархија на Македонсата Православна Црква – Охридска Архиепископија завчера во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа промоција на три тома од пет-томната едиција “Слова за словото“ од Неговото блаженство господин господин Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва.
Трудот е резултат на архипастирското дело на г.г. Стефан во изминатите 20 години како поглавар на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и низ 33-те години како архијереј во епархиите на МПЦ-ОА во Македонија и во светот.
Промотори на книгите беа академик Катица Ќулавкова и епископ хераклејски господин Климент. Академик Ќулавкова во нејзиното излагање потенцираше дека беседничката дејност на Архиепископот Стефан е значајна во онаа мера во коешто е значајно негувањето на православната христијанска мисла и дело во современа Македонија. Словата во овие три тома, рече Ќулавкова, говорени од 2009 до 2019, се вдахновени и имаат возвишена интонација, а јазикот во нив е милозвучен и словесен.
“Ова дело е изнедрено од неговиот живот во служба на Бога и во служба на луѓето. Тоа е плод на радостите, на тагите, на предизвиците со коишто се соочува нашата Црква, а неговите слова, каде и да се искажани, се во нераскинлива врска со неа. Тие не се само производ на ерудицијата и интелектот на Архиепископот, што тој изобилно ги поседува, туку, пред сè, се израз на неговата жива вера и на неговата плодоносна љубов кон Бога, кон Богородица, кон светителите и кон народот Божји, кој му е даруван одовде да го води кон есхатонот, во лоното на Света Троица… Неговиот говор објавен во овие дела, не е класичен реторички образец на умеењето да се беседи, туку претставува личен ракопис на неговото смирено сведоштво на вистината во која тој верува, а тоа е онаа Воплотена, Распната, но и Воскресната Вистина – Христ… Втемелен во светото Писмо и светото предание, во проживеаното искуство на светите отци, Архиепископот Стефан сам си ја гради својата мисла и тивко и достоинствено го произнесува своето слово. Неговите беседи се актуелни и свежи, проткаени со една динамична отвореност за другиот и различниот. Неговото слово не е затворен монолог, туку буди отворен дијалог со нашиот внатрешен свет и ја поттикнува поетиката на покајанието во нас. На литургиите, кога од амвонот говори кон народот, кај присутните предизвикува будност и внимателност за да се чуе неговата беседа и да се открие неговата порака“ – истакна на промоцијата епископот Климент.
Фрагменти од беседите читаше модераторот Роберт Велјановски, а учество со сплет од македонски музики бисери имаше Архиепископскиот брас квинтет и Архиепископскиот црковен хор. Архиепископот г.г. Стефан се зблагодари на сите кои учествуваа во подготовките и печатењето на трите тома од петтомната едиција насловена “Слова за Словото“. Првиот и вториот том веќе доживееја своја промоција во МАНУ на 8 октомври годинава. На промоцијата учествуваа епископите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, повеќе игумени, архимандрити, монаси, монахињи и свештеници, рускиот амбасадор во Македонија, ректорот на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden