
На 27. 11. 2024 година во Занаетчискиот дом во Куманово беше промовирана кнгата „Лазар Соколов (1914-1984)“ од Катерина Тодороска и Станислава Трајановска, издание на реномираната издавачка куќа „Менора“ од Скопје.
Ова најново издание на „Менора“ излегува по повод 110 годишнината од раѓањето и 40 годишнината од смртта на основоположникот на македонскиот екомонски и стопански развој на повоена Македонија, Лазар Соколов.
На промоцијата, беа присутни и ќерката и внуците на Лазар Соколов, поради што истата помина во емотивна атмосфера.
Во освртот кон читателот, авторите на овој труд накусо го презентираат неговиот животен пат, напати суров, напати неправедно оцрнет, напати воздигнат, но секоко, до издавањето на овој труд непознат за пошироката македонска јавност.
Лазар Соколов, чиј животен пат започнал во бурни врмиња, кога македонската земја се ослободувала од вековното осмалиско ропство, но не можела да се радува на вистинска слобода. Напротив, едното ропство било заменето со друго. Тоа било време кога во неговата татковина се менувале господари, а народот продолжил да биде подложен на истите страдања.
Лазар, со сиот жар препознатлив во неговата природа се нашол во пламенот на ослободителната војна на неговиот народ. Неговата постојана ангажираност низ политичките премрежја била водена од идеалите за самостојна и целосна македонска држава.

Во судбоносните денови на Втората светска војна, кога фашистички сили ја преплавиле македонската земја, Лазар бил во огнот на жестоката и безмилосна борба. Како доследен син на Партијата, по нејзин налог прифатил да биде помошник кмет на Куманово, редактор на единственото дотогаш револуционерно списание „Дедо Иван“, а неговите пламени статии станале пример за правилно насочување на народно-ослободителното движење на македонскиот народ. Децениската работа на Лазар во правец на ослободување на македонската земја и создавање на слободна македонска држава била крунисана на Првото заседание на АСНОМ. Имено, Лазар Соколов активно учествувал во подготовките и работата на ова историско собрание и бил еден од редакторите на историските асномски решенија, а на Заседанието бил избран за прв Повереник за народно стопанство.
Првите години по ослободувањето, како неуморен работник за подобрување на економската состојба на новата федеративна држава, извршувал повеќе одговорни функции сѐ до 1949 година. Окарактеризиран како приврзаник на политиките на Информбирото од 1948 година, бил проследуван, испитуван и на крај осуден на „општествено полезна работа“ на 20 јули 1950 година. Казната ја издржувал на Голи Оток и во неколку институции во кои работеле луѓе со иста судбина како Лазар.
По завршување на „општествено полезна работа“ неговото семејство од Куманово се преселило во Скопје, каде Лазар продолжува да работи на научни и стручни теми, кои значително придонеле за подобрување на економската состојба во македонската држава. Негов најголем инспиратот за научна работа била марксовата изрека дека „науката е револуционерната снага која ја движи историјата“. Додека, основното мото на Лазар Соколов било „ПОВАЖНОТО ОД СПОРЕДНОТО“ односно дека нема важен или спореден човек, а тоа се однесувало на чиновниците од најмалиот до најголемиот по ранг. Сепак, низ целиот текст е забележително ова негово мото и во друг контекст. Кога станувало збор за ПОВАЖНОТО тој мислел на семејството, а сето останато за него било СПОРЕДНОТО.
Неговиот авторски опус, како и бројните статии кои ги објавувал најчесто во весникот „Нова Македонија“, придонеле за запознавање на јавноста со најновите планови за економски раст, а со тоа и за подобрување на стопанството во Македонија.
Цениме за потребно да приопштиме дека првиот дел од оваа книга е напишан врз основа само на архивски документи бидејќи не сакавме да го расплиниме текстот со податоци од литература односна на обработуваните настани. Тоа значи, дека се потрудивме да бидеме гласот на покојниот Лазар Соколов, а не интерпретатори на сознанијата за собитијата од меѓувоениот, воениот и повоениот период.

Низ документацијата на Соколов јасно се гледа и судбината на Македонецот, кој во едно време е бугарски кмет Соколовъ, а во друго јужносрпски ученик Соколовић. Секако, се работи за иста личност која зависно од властите кои владееле со македонската територија ја добива својата идентификација согласно власта.
Во ова издание поместивме и дел од оригиналните материјали рачно напишани од Лазар Соколов, потоа фотографии и друг материјал. За нас претставуваше голем предизвик да објавиме и eден од неговите необјавени трудови, кој поради неговата голооточка голгота, не го виделе светлото на јавност.
Архивскиот фонд на Лазар Соколов грижливо се чува во во Државниот архив на Република Македонија, а за помошта при неговата обработка искажуваме голема благодарност до раководството и вработените во Државниот архив.

Без амбиција дека кажавме сѐ за Лазар Соколов, ја изразуваме својата надеж дека овој труд ќе биде поттик за проширување на познавањата и собирање на дополнителни информации за неговиот животен пат, што би биле добредојдени за некој следен пишан труд за овој исклучителен македонцски деец.
На крајот, изразуваме должна благодарност до градоначалникот на Општина Куманово, г-дин Максим Димитриевски и Советот на Општина Куманово, без чија помош книгата „Лазар Соколов (1914-1984)“ немаше да ја види светлината на јавноста.
Нека му е вечна слава и благодарност на Лазар Соколов.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden