Промовирано новото тркачко возило на најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски–Иџе

На планината Водно беше промовирано новото натпреварувачко возило на најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски–Иџе, со кое тој ќе настапува во претстојната натпреварувачка сезона.

На промоцијата дојдоа и Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Mицкоски, кои му дадоа поддршка на Иџе, кој е синоним за врвни резултати, професионализам и промоција на Македонија на европските патеки.

„Иџе со години е еден од најсилните амбасадори на македонскиот спорт. Секој негов настап е промоција на нашата држава, а секој негов успех е успех на Македонија. Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува спортистите кои со својата работа, резултатите и професионалnиот однос ја афирмираат државата на меѓународната сцена. Верувам дека и оваа сезона ќе донесе нови победи и ќе испише уште едно значајно поглавје во историјата на македонскиот автомобилизам“, изјави министерот Ристовски.

Новото натпреварувачко возило претставува значаен чекор во кариерата на Игор Стефановски – Иџе и е дел од подготовките за новите предизвици на европската сцена, каде што македонскиот шампион и оваа сезона ќе се бори за највисок пласман.

„Ми беше чест да бидам дел од овој посебен момент и да дадам поддршка на еден од најголемите амбасадори на македонскиот автомобилизам. Му посакувам многу здравје, безбедни трки, уште повеќе победи и трофеи, а македонското знаме да продолжи гордо да се развева на победничките подиуми ширум светот. Напред кон нови успеси, Иџе“, напиша премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.

Стефановски намерно го одбра Водно бидејќи тоа место има огромно значење за него, таму ја започна кариерата.