Протестите во Тирана продолжија судири меѓу демонстрантите и полицијата во Тирана, фрлани молотови коктели и петарди

Протестите во Тирана продолжија и во попладневните часови, проследени со тензии и судири меѓу демонстрантите и полициските сили. Демонстрантите фрлале петарди, огномети и молотови коктели, додека полицијата интервенирала со солзавец и водени топови.

Протестот започнал пред зградата на Владата, по што демонстрантите се упатиле по булеварот „Дешморет е Комбит“ кон плоштадот „Скендербег“.

За време на маршот биле фрлани петарди, огномети и молотови коктели кон полициските службеници, а на неколку места биле запалени и контејнери за отпад.

Полициските сили интервенирале со солзавец и водени топови во обид да ја растурат толпата и да ја стават ситуацијата под контрола. Демонстрантите, сепак, продолжиле да се движат кон подрачјето на Министерството за внатрешни работи и плоштадот „Скендербег“.

Тензии и судири биле регистрирани и на улицата „Дибра“, во близина на Медресето, како и на крстосницата кај „9-катницата“. Според извештаите од теренот, демонстрантите фрлале камења, петарди и молотови коктели кон полицијата, која возвратила со водени топови и солзавец.

Во близина на Министерството за внатрешни работи биле пријавени и инциденти при кои демонстрантите користеле ласери насочени кон полициските службеници.

Специјалните сили РЕНЕА биле распоредени во близина на Владата, додека во областа околу Министерството за внатрешни работи биле позиционирани водени топови и полициски возила.

За време на протестот, на улицата „Барикадите“ на еден повозрасен маж му се слошило и ја загубил свеста. Според извештаите, неколку лица му помогнале, но причините за неговата состојба засега не се познати.

Протестот во главниот град на Албанија продолжува во услови на зголемени тензии и засилено присуство на полициските сили.