Ракометната репрезентација на Македонија убедливо над Грција во Алжир (39-21)

Ракометната репрезентација на Македонија на одличен начин ги отвори Медитеранските игри „Црвено-жолтите“ убедливо славеа над Грција на премиерата во Алжир (39-21) и одлично го најавија следниот натпревар против домаќинот кој е закажан на 28 јули (вторник) во градот Оран.

Селекторот Кирил Лазаров на овој собир замина со играчи од домашното првенство, со цел да се добие искуство и воиграност за следните натпревари. Нашиот национален тим тргна доста тешко во мечот со корпулентните Грци кои играа доста грубо во одбраната, но и беа ефикасни во нападот. Поради тоа Македонија не можеше да се одлепи резултатски. Цело време двете селекции беа рамо до рамо, но проблемот за „хелените“ настана кога еден од главните дефанзивци Дикалуакс кој имаше одличен старт со 2/2 гола и добра поставеност во одбраната доби директен црвен картон поради удар на наш ракометар во главата. Добар старт на мечот имаше Петар Атанасијевиќ со три гола од три обида.

Тоа како да им даде елан на избраниците на Лазаров, па од 10-10 почна серијата. Ако тимот претходно го држеа Костески и Ѓорѓиев во мечот, Кизиќ влезе во елемент и фати неколку топки, Грците направија две пробивања и тоа донесе 14-10. Во тој временски интервал стрелаа Костески, Ѓорѓиев и Серафимов. Потоа, беше 15-11 кога на семафорот стоеше 20. минута и по три нови одбрани на Кизиќ, Серафимов, Џонов и Павле Атанасијевиќ ги донесоа дотогаш највисоките 18-11. До паузата двете селекции дадоа по два гола, за 20-13.

Вториот дел нашиот национален тим го отвори со четири гола во низа – Серафимов, Петковски и Петар Атанасијевиќ двапати ја тресеа грчката мрежа, за прво двоцифрено водство (24-13) кое константно се одржуваше. Во продолжението од мечот селекторот Лазаров им даде шанса и на останатите ракометари. Сите кои беа во ростерот, настапија на натпреварот против Грција. И покрај честите ротации и играта со „половина гас“, Македонија извојува убедлива победа над јужниот сосед на стартот на Медитеранските игри во Алжир, вреди да се напомене дека Грците дадоа седум гола за 27 минути.

Најдобар кај стрелците беше Мартин Серафимов со седум гола, пред Ненад Костески со пет постигнати гола, исто колку што имаше и Петар Атанасијевиќ. Четири пати стрелаше Игор Ѓорѓиев, три гола имаше Иван ЏоновАлександар Петровски и Павле Атанасијевиќ дадоа по два, додека Марко Стојковиќ, Кристијан Симоновски и Костадин Петров реализираа по еднаш. Кај Грција, Елефтериос Пагиатис имаше пет гола, пред Армандо Сина со три.

Advertisement