Елиса Спиропали повеќе нема да биде дел од пратеничката група на Социјалистичката партија на Албанија (СП). Социјалистичките пратеници ја потврдиле одлуката на премиерот и лидер на партијата, Еди Рама, за нејзино отстранување од пратеничката група.
Според информациите, за време на гласањето двајца пратеници на СП биле воздржани – Ерион Браче и Бледи Чучи.
Одлуката доаѓа по неколкудневната неизвесност околу статусот на Спиропали во рамките на Социјалистичката партија, откако Рама побара нејзино отстранување од раководните партиски органи и структури за време на состанокот на Националното собрание на СП.
По доброволното напуштање на пратеничката група од страна на пратеничката Марјана Кочеку, владејачкото мнозинство сега има 81 пратеник во албанскиот парламент.
За време на затворената седница на Националното собрание на СП, премиерот Еди Рама побара исклучување на Елиса Спиропали и адвокатот Пларент Ндреца од партиските структури.
Ова барање предизвика несогласувања во рамките на партијата. Фатмир Џафај, Ерион Браче и Пандели Мајко се спротивставиле на целосното исклучување, барајќи да бидат преземени други мерки.
По состанокот, генералниот секретар на СП, Бленди Клоси, појасни дека Спиропали и Ндреца повеќе нема да бидат дел од раководните партиски органи, но ќе продолжат да бидат членови на партијата.
На 21 ноември, за време на состанокот на Националното собрание на СП за Тирана, Рама повторно се осврнал на Спиропали и Ндреца, оценувајќи дека за нив повеќе нема место во политичкото семејство на социјалистите.
„Сите се потребни, но никој не е незаменлив“, порача Рама, најавувајќи дека нема да има толеранција кон оние кои, според него, не ги почитуваат партиските обврски.
Во меѓувреме, Спиропали преку јавни пораки најави дека нема намера да се повлече од своите ставови. По одлуката на партиското раководство, таа ја употреби и изјавата: „Како да ми ја отсекоа главата, но ми израснуваат уште седум“, испраќајќи пркосна порака до раководството на партијата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
