Реставриран бигорскиот литиен крст изработен во 1812 година во Елбасан

Во пресрет на светлото и славно Христово Воскресение, заврши целосната реставрација на бигорскиот литиен крст од 1812 година и на двете странични рипиди (херувими). Овој прекрасен комплет за литии е изработен од сребро, со делумна позлата. Своина е на Бигорскиот Манастир, но, според раскажувањето на нашиот почитуван Митрополит г. Тимотеј, во комунистичкиот период кога во манастирот немало монаштво, во еден момент додека се снимал играниот филм „Банович Страхиња“ (почетокот не осумдесеттите години од минатиот век), крстот и рипидите биле однесени во Охрид од страна на некои чесни луѓе и предадени на познатиот охридски кујунџија, г. Вангел Деребан. Сега веќе покојниот мајстор Вангел веднаш се погрижил да ја направи неопходната конзервација и очистување на овие скапоцени свештени предмети. Меѓутоа, бидејќи поминале повеќе години и никој не ги побарал од него предметите назад, благочестивиот мајстор во почетокот на деведесеттите години му ги предал на надлежниот владика, Митрополитот Дебарско-кичвески г. Тимотеј.

Познат по грижата за благолепието на храмовите и светињите Божји, но и сакајќи да ги сочува на безбедно овие стари светињи, Митрополитот Тимотеј најпрво ги положил во митрополитската ризница за црковни работи, а по обновата на соборниот храм на Охридските архиепископи, Света Софија Охридска, ги поставил во нејзиниот олтар. Кога се исполни времето, на празникот Педесетница, 27 мај минатата година, нашиот богољубив и монахољубив архипастир ѝ ги врати крстот и рипидите на Обителта на којашто отсекогаш ѝ припаѓале. Набрзо, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, воден од желбата да им го врати првобитниот сјај на овие значајни за нашиот манастир светињи, и имајќи го благословот на Митрополитот, ги предаде на реставрација во рацете на еден од најдобрите реставратори за ваков вид нешта, г. Јоргос Триандопулос од Солун. Процесот на очистување и реставрација на оштетените и загубени делови заврши деновиве, токму во пресрет на Воскресението Христово. Најпосле крстот и рипидите заблескаа со сета своја убавина.

Задна страна на бигорскиот литиен крст од 1812 година

Крстот е изработен во 1812 година во Елбасан, по нарачка на бигорскиот игумен, Архимандрит Арсениј. На него релјефно се прикажани: Распетието Христово, Крштението Господово и празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. На краците лево и десно е прикажан плачот на Пресвета Богородица и на Свети Јован Богослов, под Крстот на Голгота. Од другата страна, на централното место е претставен Господ Исус Христос како Велик Архиереј, а од страните – симболите на четворицата евангелисти. На сребрената дршка под крстот има спирален ктиторски натпис на грчки јазик, кој во превод на македонски гласи: Овој чесен крст му припаѓа на Манастирот на чесниот и славен Пророк и Крстител Јован, а се направи во деновите на игуменот Арсениј јеромонах, од мене, Христо јереј Елбасанлија 1812.

Дршка од бигорскиот литиен крст

Рипидите се направени нешто подоцна, во времето на игуменот Харитон (о. 1865 – 1870), а за тоа сведочи и натписот на едната од нив: Архимандрит папа-Харитон со браќата, градител Мојсо.

Рипидите, направени во времето на игуменот Харитон (о. 1865 – 1870)

По нарачка на игуменот, отец Партениј, од истиот солунски мајстор беше изработена идентична копија од сребро и позлата на бигорскиот литиен крст, која деновиве игуменот му ја предаде на нашиот великодушен архиереј, како замена и во знак на благодарност за вратениот прототип. Новоизработениот крст ќе продолжи да го краси олтарот на храмот на Премудроста Божја во Охрид.

Идентична копија од сребро и позлата на бигорскиот литиен крст
Процес на реставрација на бигорскиот литиен крст