Рибарскиот брод “Гоце Делчев” на брегот на Преспанското Езеро во село Туминец, Мала Преспа

Васил Папа (1949-2015), Македонец од село Туминец, Мала Преспа, работел како рибар, па после и како капетан на рибарски брод во рибарското стопанство во Мала Преспа.

Во 1987 година Васил Папа заедно со својот сонародник Леко Вурмо се враќаат ноќе од Пустец за Туминец низ Преспанското Езеро со рибарскиот брод “Преспа”, кој бил од дрвена конструкција. И двајцата биле уморни и заспиваат и бродот влегува во водите на Преспанското Езеро што се под Грција. Во последен момент пред бродот да удри во карпите на брегот од Езерото, Васил се буди и успева да го сврти бродот и удира странично во карпите со што бродот е сериозно оштетен. Со водни пумпи ја црпат водата и со крајни маки се враќаат назад во Албанија. Бродот има сериозни оштетувања и не може да се поправи. Албанските власти отвораат истрага под сомнение дека сакаат да бегаат од Албанија и на крај се ослободуваат од обвинението.

Во 1988 година, рибарското стопанство го праќа Васил Папа во пристаништето во Драч, каде ќе се изработеше нов рибарски брод за рибарското стопанство во Преспа. Една година се изработува бродот во Драч и Васил за овој период ја надгледува изработката на бродот и само три пати доаѓа да ја види фамилијата во Туминец. Откога се изградил рибарскиот брод, Васил без да земе дозвола од надлежните го именува бродот “Гоце Делчев” и така го запишуваат во Драч. Во 1988 година се уште беше комунистичкиот режим во Албанија и за овој гест Васил можеше лесно да заврши во затвор.

Во 2011 година, во Туминец, во селската кафана, пред повеќе присутни Македонци, Васил Папа ни ја раскажуваше целата случка како го именувал рибарскиот брод “Гоце Делчев”, кој 20 години пловеше во Преспанското Езеро.

На еден начин, таков ми рекоа, пулеф еден футбол, Југославија играше, некој фудбалер. Јас му реков, Македонец. Нема Македонци. Како нема? И, јас ја извадив личната карта албанска (во албанските лични карти во комунистичкиот период во Албанија пишуваше националност Македонец за Македонците во Преспа). Еве, Енвер ми ја даде. На моментот ми дојде инџињерот за името. Што име ќе пишиш? Јас му велам, не сам оден до таму. Директорот од кантиерот Дурус (Драч) са познававме од време уште во марината и му велам, не сам оден бе другар да земам мислење од градоначалникот на Корча. Ами убо рече, добро, ќе ја средиш работата ти, рече на тоа што се познаваме. Излегов Гоце Делчев. Што е Гоце Делчев? Ова ќе ви ја кажам накусо. Што е? Аре пиши му велам. И му написав јас латински Гоце Делчев. Дојдов во Корча, ми излезе директорот Лади. Ти, рече, за затвор си. Затвор ќе влезам, му велам, што е затвор? Остана името Преспа, Гоце Делчев. Ќе беше бригада “Зија Камбо” и некое име “Асан Исени”. Затоа, порачка од мене. Са во години. Да оставите и вие весија дека кога да се родит. Затоа ви го реков тува накусо. На сто години се рождат еден Македонец да е за Македонија. А сите Македонци сме. Ама кој са бијет да разбериме.

Сите Македонци сме. Аме еден ќе речи јас Македонец сум, утре Србин. Знејте то. Не Србин, не Грчин, не Булгарин, не Турчин, не Албанец. Каде да одиш, знејте, држејте са за нација и за права ваши. Ова е вистина. Море и посиромашко ќе поминиме. И критично. И дома, сите сме свесни што наеднаш сите нешта неможи да ги добиеш, – изјави Васил Папа во 2011 година.

https://www.youtube.com/watch?v=X1ss6Rg2nRU&t=23s

На 21 ноември 2015 година, Васил Папа почина како чесен и голем македонски патриот, оставајќи аманет на Македонците во Мала Преспа да си го чуват својот македонски идентитет.

По распадот на комунистичкиот систем на Енвер Хоџа и појавата на демократските процеси, Македонците од Албанија се организираат во културни, општествени и политички организаци и името на Гоце Делчев станува симбол на борбата за човекови права на Македонците од Албанија./Васил Стерјовски