Рокас – ЕУ е подготвена да продолжи по уставните измени, Мицкоски бара предвидлив процес

Фото: Влада

Европската Унија е подготвена да продолжи со отворањето на преговорите кога ќе бидат донесени уставните измени, порача Михалис Рокас на прес-конференцијата со Христијан Мицкоски. Премиерот побара јасни правила и предвидлив европски процес.

Европската Унија е подготвена да продолжи со отворањето на преговорите кога ќе бидат донесени уставните измени, порача Михалис Рокас на прес-конференцијата со Христијан Мицкоски. Премиерот побара јасни правила и предвидлив европски процес.

Рокас потсети дека уставните промени договорени во 2022 година сè уште не се завршени.

„Ова се обврски преземени од земјата и ЕУ е подготвена да продолжи со отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат донесени промените“, изјави тој.

Ги повика политичките партии активно да работат за напредување кон членството и нагласи дека се потребни дијалог и соработка меѓу политичките актери и општеството. Побара да продолжи работата на патоказот за владеењето на правото, реформата на јавната администрација и акцискиот план за заштита на заедниците.

Мицкоски ја повтори позицијата дека државата има обврска да ги спроведува реформите, но дека европскиот процес мора да биде доследен.

„Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба“, рече премиерот.

Тој ја обвини претходната влада дека прифатила политички критериум што го попречува напредувањето и оцени дека условот не го мери реформскиот учинок.

„Не бараме привилегии. Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати“, порача Мицкоски.

На прашање за евроскептицизмот, Рокас рече дека извештајот треба да се гледа како охрабрување и насока за следните промени. Разликата во однос на други кандидатки ја објасни со тоа што тие напредуваат во самите пристапни преговори, отворајќи и затворајќи поглавја и кластери.