Русија и Кина потпишаа договор, ќе градат заедничка вселенска станица

Кина и Русија договорија заедничка изградба на лунарна вселенска станица која ќе биде „отворена за сите земји“, објави вчера кинеската Национална вселенска агенција.

„Кина и Русија ќе го искористат своето акумулирано искуство во вселенската наука, истражувањата и развојот, како и својата вселенска опрема и технологијата за создавање план за изградба на лунарна научно-истражувачка станица“, се истакнува во соопштението.

Руската вселенска агенција Роскосмос наведе дека Русија и Кина „ќе ја промовираат соработката на создавање на лунарната станица со отворен пристап за сите заинтересирани земји и меѓународни партнери, со цел јакнење на истражувачката соработка и промовирање истражувања и користење на вселената за мирнодопски цели во интерес на целото човештво“.

Лунарната вселенска станица би требало да биде „комплекс на експериментални и истражувачки објекти“ на површината на Месечината или во нејзината орбита, наведе Роскосмос. Објектите ќе бидат дизајнирани за низа мултидисциплинарни истражувања, вклучувајќи „истражување беспилотна технологија која на луѓето би им овозможила подолг престој на Месечината“.

Кина и Русија сега почнуваат со планирање на дизајнот на станицата и „нејзино претставување на светската вселенска заедница“, додаде Роскосмос. Двете земји потпишаа и договори за заедничко создавање центар за податоци за истражување на Месечината и вселената. Планираат во иднина да соработуваат на кинеските мисии Чанге-7 и руската мисија Луна 27, со која се планира истражување на јужниот пол на Месечината.

Advertisement