Руското министерство за одбрана отвори своја канцеларија во Белград

Министерството за одбрана на Србија објави дека e започната процедура за отворање претставништво на Министерството за одбрана на Русија во согласност со договорот меѓу Владата на Србија и Владата на Русија „Целта на формирање претставништво на Министерството за одбрана на Русија е да се обезбеди поддршка и побрзо решавање на прашањата поврзани со воено-техничка помош, воена и воено-техничка соработка, а во согласност со договорот меѓу Владата на Србија и Владата на Русија за воено-техничка соработка“, се вели во соопштението на ресорното министерство.

Во соопштението меѓудругото се наведува дека договорот е потпишан врз основа на претходен договор меѓу претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин. Претходно, Ројтерс објави дека Русија го овластила своето министерство за одбрана да отвори канцеларија во Србија, врз основа на документ од руската влада. Србија минатиот месец ги прекина воените вежби со странските војски за шест месеци, а како причина го наведе притисокот од ЕУ да се повлече од заедничките вежби со Русија и Белорусија.