САД ја повикаа ЕУ да почне преговори и со Албанија и Македонија

САД ја повикаа Европската унија да одреди датум за почеток на преговори и за Албанија и Македонија, без да ги одвојуваат.

„И Албанија и Македoнија донесоа тешки, суштински реформи. И двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ“, изјавиле од Стејт департментот за Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали САД поддржуваат одвојување на Албанија и Македонија на европскиот пат, по најавите на бугарската Влада дека е подготвена да даде зелено светло за Албанија, а не и за Македонија.

Оттаму порачуваат дека е клучно Европската Унија да се придржува до нејзините заложби, а тоа значи да ги отвори пристапните преговори и со Македонија и со Албанија, без одложување.

Запрашан и дали САД планираат да воведат санкции кон Бугарија доколку ја задржи истата позиција и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември во Брисел, портпарол на Стејт департментот вели:

„Охрабруваме решение на ќорсокакот што е можно побрзо за да се поттикне напредок на потребните реформи и економски развој на регионот на Западен Балкан. САД остануваат одблизу ангажирани со нашите европски партнери во однос на ова прашање“.

Oттаму уште додаваат дека „процесот на проширување на ЕУ промовира мир, стабилност, демократија и просперитет во регионот, и непотребни одложувања го обесхрабруваат целиот регион“.

Бугарската влада пред неколку дена соопшти дека на 14 декември нема да го тргне ветото за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, но, дека е подготвена да даде зелено светло за Албанија.

Advertisement