Се одржа 49. Светска Македонска Иселеничка средба и 40. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Трново

Во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, вчера на 2 август во дворот на македонската православна црква “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, битолско, се одржа 49. Светска Македонска Иселеничка Средба и 40. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, од 2005 година обединети во една и единствена Семакедонска Средба Трново 2020!

Ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

Почитувани браќа и сестри Македонци, честит и вековит Денот на државноста – Илинден и напомош Свети Пророк Илија и Пресвета Богородица. На овој свет ден Македонците во целиот свет го слават Илинден! Од Херонеја 338 година пред нашата ера, Крушево 1903, до АСНОМ во Македонскиот манастир Свети Прохор Пчински 1944 година. За жал, Македонското прашање се’ уште е нерешено. Со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, марионетската Влада на Заев изврши велепредавство на државата и нацијата. Кога и да е, за овој геноцид и злосторство против човештвото, премиерот, министрите и пратениците ќе одговараат пред судот на правдата и историјата! Предавството не е демократија, туку кривично дело за доживотно во Идризово! Отфрламе нова политичка историја за Македонците и Македонија која ја кројат комисии на владите во Скопје, Атина и Софија, бараме нивно итно и безусловно распуштање! Бараме итно и безусловно раскинување на овие договори со владина изјава, бидејќи и по домашното и по меѓународното право тие се ништовни! Без Македонците и без Македонија нема мир на Балканот и во Европа!

И најважното: Прашањето за името на државата е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година! Речиси 80% од вкупниот број запишани избирачи гласаа “ЗА СУВEРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“, без додавки и без придавки! Одлуката на референдумот е задолжителна по Устав за сите, без исклучок! На референдумот од 30 септември 2018 година, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи не гласаа за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО Алијансата, не гласаа за Спогодбата Димитров-Коѕиас со која се уредува промена на името на државата и идентитетот на нацијата! Европската Унија и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата! Бараме права и слободи за Македонците во соседните земји на Република Македонија. Во Втората Светска Војна се вградија во темелите на државноста на сите соседни држави и затоа и ним им следат правата и слободите како еднакви со еднаквите и рамноправни меѓу рамнопоравните!

Повикуваме на семакедонско обединување, заради одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. Никогаш не заборавајте, дека и покрај сите разлики меѓу нас Македонците: Само Македонија е нашиот единствен заеднички именител! Само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател! Со неа не’ има, без неа сите заедно ќе не’ снема!

Ги охрабруваме Македонците во светот и во татковината: И покрај сите врховизми и после сите предавства, ќе се бориме и натаму за нашите права и слободи, дома и во светот, ќе ги одбраниме Македонскиот народ и нашата држава Македонија! Затоа што Македонија е Божја промисла! Македонската цивилизација на која сите ние заедно припаѓаме е основа на Нова Европа! Македонија е основа на современиот културен глобализам! Илинденското востание било, е и ќе остане само Македонско! Отсекогаш и засекогаш ова е држава Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е Македонскиот!

Време е, како што британскиот премиер Вилијам Гледстон на 19 јануари 1897 година рекол: “А зошто да не биде Македонија на Македонците, како што е Бугарија на Бугарите и Србија на Србите?“ И, верувајте, така и ќе биде! “поранешна југословенска република“ ќе останат само бледо сеќавање на врховизмот и велепредавството кои мора да заминат во историјата, за новиот почеток на македонската ера на современиот културен глобализам, што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси јазици религии и култури! Бог ни е сведок, дека првите цркви во Европа, Светиот Апостол Павле ги изградил во Филипи, Бер и Солун во Македонија! Папата ја потврди историската вистина дека христијанството во Европа доаѓа од Македонија! Првата покрстена христијанка во Европа е Македонката Лидија од Филипи. Првиот универзитет во Европа е Светиклиментовата школа во Охрид! Светите солунски браќа Кирил и Методиј Македонците се патрони на Европа! Света Софија во Истанбул ја изградил Македонскиот Цар Јустинијан Први! Покрстувањето и описменувањето на народите во Источна Европа започнува од Охрид од Македонија!

За крај, аманетот: Македонската света земја којашто Вие со македонска крв ја окупиравте, не Ви ја продадовме, ниту Ви ја подаривме. Таа никогаш нема да биде Ваша! Чувајте ја, почитувајте ја, сакајте ја, обработувајте ја, но никогаш не заборавајте, дека утре, кога Вашите деца ќе си играат, во секое поточе, во секоја река, под секое дрво, под секој камен, живеат духовите на нашиот древен народ Македонски. И наскоро, многу побргу отколку што Вие можете и да си помислите, духот на семоќниот наш Врховен Бог Македонски – Македон, ќе слета над оваа земја и со својот здив ќе ги откорне плитко закопаните коски на Вашите мртви претци, исфрлајќи ги преку Синото, Белото и Црното Море, во Азија и Африка, онаму од каде што дошле, а нашето семе како Феникс повторно ќе никне на својата света земја Македонија! Македонија е фениксот, Македонците се пирејот! Поради жртвите за слобода во минатото, и натаму борбата која продолжува до победа и слобода за Македонците и за Македонија!

Нека Господ Бог ве благослови сите Вас, нека Господ Бог ги благослови Македонците и Македонија, Македонскиот свет и универзалните вредности на Македонската цивилизација! Сите Македонци еден за друг! Вечна да е Македонија! Амин!