Фото: Facebook /Paris Karepi
Традиционалниот турнир во борење „Голо Брдо 2026“ денеска се одржа во селото Острени, во областа Голо Брдо, собирајќи голем број спортисти, љубители на борењето и гости од повеќе земји од регионот. Настанот беше организиран со поддршка на Албанската федерација за борење и Општина Булќиза, во соработка со Здружението за борење „Голо Брдо“.
Манифестацијата помина во свечена и пријателска атмосфера, збогатена со традиционални македонски песни и ора карактеристични за областа Голо Брдо, што му даде посебен дух на целиот настан. Присутните имаа можност да уживаат не само во возбудливите спортски натпревари, туку и во богатата културна традиција на Македонците од овој крај.

Во возрасната група до 15 години, победник беше Леон Халилај од село Владимерица, областа Голо Брдо
Во возрасната група од 15 до 20 години, победник беше Ибрахим Сула од Тирана.
Додека во категоријата над 20 години, победник беше Парис Карепи од Драч кој ги освои главниот пехар и овенот — симболот на ова традиционално натпреварување.
На турнирот настапија борачи во различни возрасни и тежински категории, а учество зедоа спортисти и клубови од Голо Брдо, Албанија, Македонија и Косово. Борбите беа исполнети со голема борбеност, спортски дух и фер-плеј, а публиката со аплауз ги поздравуваше најдобрите настапи.
На собирот присуствуваа и голем број Македонци од областа Голо Брдо, кои со своето присуство уште еднаш ја потврдија поврзаноста со традицијата, спортот и културното наследство на својот крај.
Турнирот „Голо Брдо 2026“ уште еднаш покажа дека спортот претставува мост на пријателство, почит и заедништво меѓу народите од регионот.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
