Сè што дала мајка природа, го има во „Bella Casa“, во Црвена Вода Караорманска (ФОТО)

Малку е само една репортажа, за да се опише и доживее она што го направија Кате и Васко Граждани во шумите над живописното и историско село Црвена Вода, на 1.250 метри надморска височина. Тоа е една филмска приказна, дури и нешто повеќе.

Кате Трајческа, сега Граждани, е лист од нашата гора. Внука на соселанецот Божин Трајчески, ловџијата од Црвена Вода. Божин Трајчески, сега покоен, е една од фиданките на длабокиот семеен корен – Трајчески. На Трајче Трајчески, курирчето од „Волшебното самарче“. Нема кој не го прочитал ова романче за деца, кој не се воодушевувал од ликот што го овековечи Игор Џамбазов, во истоимената филмска серија. Трајче, дедото на Бранко Азески и прадедото на нашиот надежен млад колега – Дејан Азески, по вокација историчар. Има и зошто!?

Крушата под круша паѓа, Кате, на зима ќе ја затекнете по врвовите на Караорман со чифтето, со берданката на рамо, а во месноста – „Кај крушата“, Кате и нејзиното момче, сопругот Васко, подигнаа рај на земјата. Се што дала мајка природа, го има во комплексот Етно село – „BELLA CASA“, во, или, попрецизно – над Црвена Вода.

Црвеновочанката по корен, Кате Трајческа, денес е госпоѓа Граждани, после бракот со убавото, стројно и до небо работливо момче, Васко Граждани, дојдено од селото Шулин, Мала Преспа, Албанија. Дојде со родителите по корка леб, денес инвестира во објект што вреди со стотици илјади евра.

Во меѓувреме, заедно со Кате, подигнаа респектабилна градежна фирма. Ако жителите од Мала Преспа, за јавноста попозната како Пустец, се мајстори на занаетот кога станува збор за делканиот камен, тогаш Васе е совршенство.

Бројни цркви и манастири во земјата сведочат за вредноста и умешноста на Васко. Но и на Кате. За нејзе не е ништо тешко да работи на некоја кровна конструкција, да ја завие моторната пила, или да го впрегне ровокопачот …

Кај нас има многу места каде можат да се видат убаво уредени конаци, етно куќи, етно села. Од битолско до галичко. Но она што се прави во Црвена Вода, го нема кај нас, а можеби и подалеку и пошироко.

Планинскиот комплекс „BELLA CASA“ е навистина убавина, богатство од содржини. Истовремено, и традиција во градбата. На едно место: градби од соништата, фарма на убаво одгледани коњи, фарма на кокошки, на кози, јагниња … И, сето тоа, во функција на комплексот од сместувачки капацитети и угостителско – туристички содржини и услуги.

Покрај другото, во конечната форма, „BELLA CASA“ ќе има два базени, два ресторани, неколку куќички – бунгалови за сместување, мала – прирачна патека за јавање, главно за деца, како и долги патеки за искусните јавачи на коњи, но и за оние чиј адреналин расте кога ќе ги јавнат моќните мотори – со две и четири тркала.

Кате и Васе, ништо не препуштиле на случајот. Тие градат, но мислат и за оние што тука треба да јадат, да се гоштеваат, да дегустираат одбрани вина, да мезат одбрани јадења – се од мајката природа.

Тие не се мешаат во стручноста на другите. Менаџерот на „BELLA CASA“ си ја зел работата во свои раце. Одбрал шеф на кујна – светски човек. Мајстор на својот занает, кој ги поминал и Цавтат и Дубровник, видел како живее денешниот Европеец, влегол во сите брендирани „заведенија“, се до парискиот „Максим“ и „Мишелин“ – вреднувањата.

И за крај. Бидејќи и самиот сум „лист од шумите Караормански“ и сум сведок, како Кате и Васко го направија ова чудо – од поставувањето на првиот камен, пред повеќе години до денес, ќе си дозволам, не во функција на реклама, туку, како факт да ви го соопштам и следново. Кога од Охрид тргнувам за Црвена Вода, тргнувам од плус 30 степени целзиусови. Кога таму ќе стигнам, стигнувам во опкружување, атмосфера и ладовина – најмалку 10 степени наназад.

Можеби и затоа Кате и Васко одбрале, во недела, на 18 јули, на овој топлотен пекол, комплексот да го предадат на уживање на посетителите. Во ладовина, со цел ден слава, со игроорни друштва, врвни македонски музички интерпретори, се разбира – добра храна. Тука набрана и собрана, од селските кладенци наводнувана, од планинските пашњаци – создавана. Тука, се мириса на мајчина душица!

Дебрца не е депонија, Дебрца е историја, живот и екологија. Дебрца ќе биде белите дробови за цела Македонија, за Балканот, за светот. Вака, приближно, министерката за култура, охриѓанката Ирена Стефоска, ја претстави Дебрца, на Петровден, од свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“.

Она што го бара современиот гостин од европските метрополи, ќе го најде кај Кате и Васко, во Црвена Вода. Во Европа се поголем е бројот на луѓето кои се враќаат кон природата, кои се заситени од хотели со пет ѕвездички, а пандемијата, која сè уште не сака да не ослободи од страшната прегратка, само ги забрза тие процеси и сознанија дека единствениот начин да преживееме на земјината топка е – да ѝ се вратиме на мајката природа./www.plusinfo.mk

Advertisement