Шефот на германската разузнавачка агенција, Томас Халденванг денеска предупреди за пораст на екстремизмот поттикнат од авторитарни држави како што е Русија, за кои тврди дека сакаат да го поделат германското општество и да ја соборат избраната влада.
Во последниве години, германските безбедносни агенции ги спречија плановите на помалите групи поврзани со движењето Граѓаните на Рајхот, обвинети за планирање напади врз клучната инфраструктура, владини претставници и Бундестагот, пишува Асошиејтед прес.
Иако не е јасно колку биле далекусежни тие планови, властите изразија загриженост дека наводните заговорници успеале да дојдат до оружје и да регрутираат личности кои обично не се на радарот на безбедносните агенции, како што се судиите и полицајците.
Халденванг, кој го предводи Федералниот институт за заштита на Уставот, истакна дека е особено загрижен за поврзаноста на некогаш одвоените групи, од екстремната десница до теоретичарите на заговор и нивната подготвеност да употребат оружје.
Она што ги поврзува овие групи е тоа што тие ја презираат нашата земја и демократскиот систем, го отфрлаат и сакаат да го укинат, изјави Халденванг за АП во Берлин.
Тој додаде дека екстремистите свесно ги користат контроверзните политички или општествени прашања за да шират страв и да добијат нови следбеници.
Сите овие прашања може да се искористат за ширење одреден наратив и создавање впечаток дека државата нема контрола врз одредени ситуации и затоа треба да се собори, додаде разузнавачот.