Штајнмаер во Тирана: Албанија e важен партнер, борбата против корупцијата клучна за членството во ЕУ

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој денеска допатува во дводневна официјална посета на Албанија, по средбата со неговиот домаќин, претседателот Бајрам Бегај, на заедничката прес-конференција изјави дека Албанија е важен партнер, дека нејзиното членство ќе ја збогати Европската унија, но посочи дека борбата против корупцијата е клучна за членството во ЕУ.

Тој и се заблагодари на Албанија за соработката во НАТО и ја нагласи гарантираната поддршка во процесот на европска интеграција на земјата.

Имам максимална почит за посветеноста како членка на Советот за безбедност во тежок период. Германија од самиот почеток ве придружуваше во приближувањето кон ЕУ и во рамките на своите можности придонесе за зајакнување на односите и нивно проширување. Беше многу важно што поскоро да отпатувам за Албанија и ви ветувам дека ќе продолжиме да ве поддржуваме во процесот за членство. Се надевам дека многу скоро Албанија ќе стане дел од ЕУ, дури и во нејзината формална димензија, истакна Штајнмаер.

Според него, Албанија и Македонија се земји кои „требаше со гордост да се појават во овој процес“. Посочи дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 овој месец во Тирана, нема да бидат донесени конкретни одлуки.

Мораме да ја земеме предвид средбата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан. Не станува збор за Самит каде ќе има одредени одлуки. Но, ќе се дадат вистинските стимулации за да се следи патот кон ЕУ. Албанија и Македонија се земји кои требаше со гордост да се појават во овој процес, рече германскиот претседател.

Тој ја нагласи борбата против корупцијата и организираниот криминал, како клучни на патот за членство во ЕУ.

-Борбата против корупцијата и организираниот криминал бараше навистина голем обем на работа и напори, а успесите на овој пат се одлучувачки за членството во ЕУ, бидејќи ЕУ го смета за основа на правото на патот кон функционална демократијата, додаде Штајнмаер.

Претседателот Бегај од своја страна, нарекувајќи ја Германија партнер од доверба, рече дека очекува помош и во фазата на преговори, додавајќи дека за процесот за членство во ЕУ, секоја земја мора да ги исполни своите обврски.

Нашата земја мора тесно да соработува со сите партнери. Не верувам дека има време што можам да го одредам, но верувам дека зависи од работата на секој. Германија беше доверлив партнер на Албанија и тесно соработуваше со албанските институции за да обезбеди помош во реформите во правосудството, изборните реформи и другите интегративни процеси. Верувам дека помошта што Германија ќе ја пружи во фазата на преговори со експерти би била многу добродојдена, изјави Бегај.

Шефот на германската држава ќе се обрати и пред пратениците во албанскиот Законодавен дом, а ќе се сретне и со премерот Еди Рама.

Advertisement