
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Будимпешта промовира цивилизирана соработка меѓу Истокот и Западот во согласност со историските искуства, како и дека се залага за што побрза обнова на мирот.
Сијарто наведе дека Унгарија е добар пример како една земја може да има корист од цивилизираната соработка меѓу Истокот и Западот „заснована на меѓусебно почитување и меѓусебна доверба, која има цел заемна корист”.
„Унгарија успеа да стане важно место за средби на инвеститори од Истокот и од Западот зашто никогаш не ги дискриминирала инвеститорите врз основа на нивната националност”, рече тој.
Шефот на унгарската дипломатија на Економскиот форум ЕУ–Централна Азија рече дека Европа се соочува со огромни економски предизвици, што самото по себе потврдува дека унгарската соработка со Централна Азија е важна. Тој додаде дека војната во Украина претставува закана за нормалното функционирање на светската економија, поради што Унгарија се залага за што побрза обнова на мирот и ја цени позицијата што ја зазедоа земјите на Централна Азија против воената реторика.
Тој повика на сеопфатна спогодба за слободна трговија меѓу Европската Унија и земјите на Централна Азија со цел да се зголеми конкурентноста. Меѓутоа, како што истакна тој, светот тргна кон формирање блокови.
„Тоа е најлошата можна вест за Централна Европа”, рече Сијарто, додавајќи дека историјата покажала дека тој регион секогаш губел во судирите меѓу Истокот и Западот.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden