Славје на улиците во Газа и Израел по веста за примирјето

По две години страдање, разурнување и неизвесност, жителите на Газа и семејствата на израелските заложници ја дочекаа веста за договорот меѓу Израел и Хамас со солзи, прегратки и молитви.

Палестинците и семејствата на израелските заложници излегоа на радосни прослави во четвртокот, откако беше објавено дека Израел и Хамас постигнале договор за крај на војната во Газа и за враќање на сите израелски заложници- и живи и починати.

Во Газа, каде што повеќе од 2 милиони луѓе беа раселени поради израелското бомбардирање, млади мажи аплаудираа на разрушените улици, иако израелските напади продолжија во некои делови од енклавата.

„Фала му на Бога за прекинот на огнот, за крајот на крвопролевањето и убивањето“, рече Абдул Маџид Абд Рабо од Кан Јунис, јужна Газа.

„Не сум само јас среќен, целата Газа е среќна, целиот арапски народ, целиот свет е среќен поради прекинот на огнот и крајот на крвопролевањето. Благодарност и љубов до сите што беа со нас.“

На т.н. „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив, каде што семејствата на оние киднапирани во нападот на Хамас пред две години се собираа барајќи нивно враќање, мајката на заложник, Еинав Заугаукер, беше во еуфорија.

„Не можам да дишам, не можам да дишам, не можам да објаснам што чувствувам… лудо е“, рече таа.

„Што да му кажам? Што да направам? Ќе го прегрнам и бакнам“, додаде таа, мислејќи на својот син Матан. „Само да му кажам дека го сакам, тоа е сè. И да ги видам неговите очи како се губат во моите… Преплавена сум- ова е олеснување.“

Израел и Хамас во средата се согласија на првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за палестинската енклава- прекин на огнот и договор за заложниците, што може да го отвори патот за крај на крвавата двегодишна војна која го потресе Блискиот Исток.

„Немам зборови да го опишам тоа“, рече поранешниот заложник Омер Шем-Тов, кога го прашаа како се чувствува во тој момент.

Само еден ден по втората годишнина од прекуграничниот напад на милитантите на Хамас, кој ја поттикна разорната израелска офанзива врз Газа, индиректните преговори во Египет резултираа со договор за почетната фаза од реализацијата на планот од 20-точки на Доналд Трамп.

Во Газа, групи млади мажи на улиците аплаудираа на веста, еден од нив ракоплескаше додека беше качен на рамената на пријател.

Луѓето во енклавата плачеа и скандираа „Алаху Акбар“ или „Бог е најголем“, изразувајќи надеж дека договорот ќе ја заврши војната и ќе им овозможи да се вратат во своите домови.

„Не можев да престанам да се смеам и плачам“, рече Тамер Ал-Бураи, бизнисмен раселен од Газа Сити. „Не можам да поверувам дека преживеавме.“

„Едвај чекаме да се вратиме во нашите домови, иако се уништени, да се вратиме во Газа Сити, да спиеме без страв од бомбардирање, да се обидеме да ги обновиме нашите животи“, рече тој за Ројтерс преку апликација за разговор.

Други имаат дилеми за враќањето, бидејќи израелските сили засега остануваат во енклавата.

„Нашата куќа беше меѓу првите што беа уништени, така што дури и ако војната заврши, ќе продолжиме да живееме во шатори, можеби со години додека не ја обноват Газа- ако договорот се одржи“, рече Закија Резик, 58-годишна мајка на шест деца.

Иако беше среќна што ниту едно од нејзините деца не било убиено, рече дека нивниот дом бил во погранична област која ќе остане под окупација.

Медиумската канцеларија на владата на Газа, управувана од Хамас, ги повика луѓето да не се враќаат во своите области додека договорот не биде официјално објавен, за да избегнат делови кои сè уште се под контрола на Израел.

Израелската војска исто така ги предупреди жителите на северна Газа да не се враќаат, велејќи на платформата X дека тоа останува „опасна борбена зона“.

Ако договорот биде целосно прифатен, ќе ги приближи двете страни повеќе од било кој претходен обид за прекин на регионалната војна која ги вклучи соседите Иран, Либан и Јемен, ја продлабочи меѓународната изолација на Израел и го промени Блискиот Исток.

Властите во Газа велат дека повеќе од 67.000 луѓе биле убиени и голем дел од енклавата е срамнет со земја откако Израел ја започна својата воена одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Според израелските власти, околу 1.200 луѓе биле убиени, а 251 биле киднапирани и однесени во Газа, од кои 20 од 48 заложници што сè уште се држат се верува дека се живи.

„Ова се моменти… долго очекувани од палестинските граѓани по две години убивање и геноцид“, рече Халед Шаат, Палестинец од градот Кан Јунис.