
Бугарски фондации и организации со години реализираат активности во Пустец, Албанија, и во Македонија – од донации и медицинска помош до поддршка за здруженија и културни проекти. Зад дел од нив стојат фондации и луѓе со блиски врски со бугарските институции, а активностите често се проследени со пораки за бугарскиот национален идентитет.
Од улично осветлување, општинска опрема и медицински прегледи во Пустец во Албанија, до донации за здруженија, деца и културни проекти во Македонија – бугарски фондации и организации во последните години реализираат низа активности во двете земји. Активностите се претставуваат како хуманитарни, образовни и културни, но дел од нив се проследени и со пораки поврзани со бугарскиот национален идентитет.
Хуманитарна помош или политичко влијание
На 11 и 12 септември Пустец повторно се најде во фокусот на бугарско-македонските тензии, откако во општината пристигна бугарски медицински тим за бесплатни прегледи на населението. Според јавно објавените информации, екипата од Софија пристигнала со воен транспортен авион, а во акцијата биле вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, како и пратеници од различни политички партии.
На акцијата, организирана од Фондацијата „Бугарска меморија“, а поддржана од Општина Пустец, реагираше и Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која обвини дека медицинската помош била искористена за политичка пропаганда и за промовирање на бугарскиот идентитет.
Инаку, Фондацијата „Бугарска меморија“ за пет години инвестирала околу еден милион евра во Пустец.
Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, ги оспорува тврдењата дека финансиската помош за Пустец претставува само хуманитарна поддршка. Тој во изјава за телевизијата СОТ 7 вели дека тие пари се дадени за поткуп на албански функционери за да работат за каузата за асимилација на македонската заедница.
Имаме испратено стотици дописи, барања и јавни изјави до албанските институции, но тие немаат преземено ништо – посочува Стерјовски.
Во Пустец со хуманитарни акции дејствува и Фондацијата „Бугарска памет“, предводена од бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски. Оваа фондација во последните години реализирала повеќе проекти во општината – во 2024 година донирала 25 компјутери и монитори, како и десетици бироа, маси и столови за општинската зграда. Истата година обезбедила медицински контејнер за селото Глобочени, клупи и копирни машини за општината. Во септември 2025 година Фондацијата финансирала 100 нови улични светилки во четири села – Зрновско, Глобочени, Горна Горица и Средна Горица. Фондацијата наведува дека во претходните години обезбедила и пожарно, амбулантно и теренско возило, опремувала општински простории и финансирала поправки на водоводната мрежа. Во своите објави, активностите во Пустец, Фондацијата ги става во контекст на поддршка на „историската бугарска дијаспора“.
Врабевски и мрежата на соработки во Македонија
Одделно од активностите во Пустец, „Бугарска памет“ со години е присутна и во Македонија преку поддршка на културни, образовни, младински и хуманитарни проекти. Меѓу активностите се поддршката на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола, активности поврзани со бугарските воени гробишта кај Ново Село, помош за деца од ранливи категории и соработка со локални здруженија.
Како дел од таа соработка со локални организации, Фондацијата финансиски го поддржува и здружението „Балкански мост“ од Битола, основано во 2023 година. Во декември 2024 година, „Балкански мост“ и здружението „Унироуз“, со финансиска поддршка од „Бугарска памет“, организирале хуманитарна акција во Битола, при што биле обезбедени новогодишни пакетчиња и друга помош за повеќе установи и организации, меѓу кои Домот за доенчиња и мали деца и „Хармоничен свет“.
Самиот Врабевски во интервју од 2022 година изјавил дека е главен финансиер на бугарските културни центри во Македонија и дека неговите иницијативи се „строго синхронизирани“ со бугарската држава, а дел од нив се реализираат и по нејзино барање. Во истото интервју тој ја опишува работата на Фондацијата преку образовни иницијативи, поддршка на младите, културно-историски проекти и поддршка на бугарската дијаспора. Меѓу наведените цели на Фондацијата е и заштитата на „националните интереси и приоритети“.
„Слободен печат“ упати прашање до Министерството за надворешни работи и до Владата дали реагирале во врска со наводите што ги изнесе Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за најновите активности на бугарските власти во Пустец, со кои под превезот на медицинска помош повторно се спроведува политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет. Оттаму ни одговорија дека се запознаени со информациите за активностите на бугарските власти во Пустец, Република Албанија, како и со реакцијата на Македонската алијанса за европска интеграција и на другите здруженија на Македонците во Албанија.
Нашиот пристап е јасен и принципиелен. Република Албанија е пријателска земја, сосед и сојузник во НАТО, а почитувањето на нејзиниот суверенитет и принципот на немешање во внатрешните работи се основа на нашите добрососедски односи. Истовремено, Министерството останува посветено на јакнење на институционалните врски со македонската заедница во Албанија и на унапредување на нејзините права и интереси преку институционален дијалог, во согласност со законодавството на земјата и меѓународните стандарди за заштита на малцинствата. Во таа насока е и ангажманот за поскоро отворање на нашиот Генерален конзулат во Корча – ни одговорија од МНР и Владата.
Истрага за портали и профили
Во поширокиот контекст на активностите поврзани со бугарскиот политички и медиумски простор, МВР и Агенцијата за национална безбедност пред два месеца отворија истрага за околу 20 комуникациски канали – веб-портали, како и профили и страници на социјалните мрежи. Според објавените информации, се проверува нивната меѓусебна поврзаност, начинот на функционирање и финансирањето, во рамките на сомневања за координирани објави, ширење говор на омраза и дезинформации поврзани со спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Од Министерството за внатрешни работи и од АНБ сè уште не откриваат до каде е истрагата и кои се порталите што се предмет на истрага. Од МВР само кратко ни одговорија дека истрагата е во тек, а од АНБ не добивме одговор на нашите прашања.
Активностите на бугарските фондации и организации продолжуваат, а одговорите на надлежните институции за нивниот обем, финансирање и евентуалната поврзаност со пошироки политички и медиумски активности, засега остануваат ограничени.
Од Пустец до Македонија: кој ја следи бугарската мрежа на влијание?
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden