Фото: ЕПА
Силно изразена национална свест кај Македонците далеку од матицата (2)
Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Австралија, Душко Апостолоски, анализира навидум невообичаена состојба – колку подалеку припадниците на македонскиот народ мигрирале од Македонија толку се поизразени внатрешните емоции поврзани со патриотските и националните чувства, вклучувајќи го и нивното јавно изразување (во согласност со овозможената можност од средината за неоспорено негување на сопствениот идентитет и култура).
Во својата обемна анализа, тој јасно ja посочува причината за ваквата појава во историското инсистирање на етничка и јазична хомогеност на Балканот низ годините, првично од Грција, а во одредена мера и од Србија, додека македонскиот народ се соочува со негирање, игнорирање на правото на самоидентификација, јавна дискриминација и административни пречки. Спротивно на тоа, македонската дијаспора во Австралија или Канада национално битисува во општества во кои правото на етничко самоопределување и негувањето на сопствената култура не се оспорува туку, напротив, се поттикнува.
Се разбира, факт е дека и во овие општества доаѓа до тивка асимилација, но истражувачот смета дека таа не е толку изразена како на Балканот – преку училиштата или црквата, со што постојат слобода и можности за негување на македонските национални особености. Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада многу послободно и без притисоци и опструкции ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави
И денес ги чувствуваме негативните последици од асимилаторските политики на соседите, бидејќи создадоа навидум невообичаена ситуација – колку подалеку припадниците на македонскиот народ живеат од својата татковина толку поголем внатрешен емотивен порив и израз на национални и патриотски чувства имаат. Македонската дијаспора, особено онаа од Австралија, Канада и во САД, се оформи како заштитник на македонските национални вредности, кои континуирано се маргинализирани во Грција и во Бугарија.
Македонската дијаспора, особено онаа во Австралија или во Канада, национално битисува во општества каде што правото на етничко самоопределување и на негување на сопствената култура не се оспорува туку, напротив, се поттикнува. Мора да имаме предвид дека во овие општества постои тивка асимилација, но не и негативна како онаа на Балканот – преку училиштата или црквата. На тој начин постојат слобода и можности за негување на македонските национални особености. Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија и во Канада многу појасно ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави.
Оваа апсурдна состојба се должи на балканските националистички политики и процесите на асимилација, но и на одреден страв кај нашинците во Бугарија или во Грција, како и на недостатокот од институционални можности за јазично или културно организирање. Положбата во Австралија или во Канада е многу различна, Македонците можат слободно да организираат свои друштва, клубови, училишта, цркви, ансамбли итн., нешта преку кои македонската национална самобитност се афирмира јавно и без закани, со што е видлива за секого во општеството – вели м-р Никола Огненовски, чии предци уште во почетокот на 20 век се доселиле во Австралија.
Значајна улога во негувањето и зачувувањето на македонската национална свест одигра културниот и образовниот пренос кај новите македонски поколенија преку црквите и друштвата. Преку нив македонскиот јазик, македонските обичаи и македонскиот фолклор се негуваат односно, со други зборови, се негува македонскиот идентитет и се пројавуваат одреден стремеж и обврска за нивно зачувување за идните македонски генерации.
Доколку направиме споредба со Бугарија или со Грција, очигледни се разликите. Во овие балкански држави образованието и учебниците се идеолошки обременети и како такви се средства за асимилација, а државните институции забрануваат и секакво формално изучување на македонскиот јазик – посочува Огненовски.
Мора да се потенцира и фактот дека Австралија или Канада се слободни и демократски општества, а слободата на здружување и организирање одамна е гарантирана со заканите и уставот. Првите македонски иселеници се соочија со тивката асимилација од доминантната култура, но тие ја зачуваа македонската национална посебност преку асоцијациите, весниците, црквите или клубовите.Дополнително на тоа, Македонците во Австралија или во Канада дојдоа во контакт со други емигрантски заедници, а тоа само по себе доведе до истакнување на самоидентификацијата преку македонскиот јазик или македонската култура – вели Огненовски, кој долго време ја проучува македонската дијаспора во Австралија.
Кога постои слобода, јасно се изразува националната свест
Австралија, како држава и општество, во првата половина на 20 век спроведуваше политичка асимилација на Абориџините, но европските мигранти се соочија со поблаги притисоци, како што се усвојувањето на доминантниот англиски јазик и прифаќањето на австралискиот начин на живот. Политичкото и општественото битисување во Австралија започна да се видоизменува во почетокот на 70-тите години на 20 век, кога започнаа да се промовираат политики што ја толерираат јазичната и културната различност.
Денес, Австралија преку политичкиот и правниот систем гарантира малцински права и слободи, како и правото на негување на сопствениот јазик и култура. Австралија како држава не е насочена кон етничко и јазично единство како предуслов за граѓанство и политичка лојалност, што е во спротивност со балканските држави. Оттука, австралиското општество е насочено кон изградба на институции што ќе го поттикнуваат изучувањето на мајчиниот јазик, а формалноправно се овозможува и организирање на малцинствата. Притоа од нив не се бара да се откажат од сопствениот идентитет како услов за нивна интеграција во Австралија, како што вели Никола Огненовски.
Македонските друштва и организации или медиуми не само што не се под политички притисок на австралиската држава туку, напротив, тие слободно функционираат и можат да се потпрат на австралиските институции. Нивната комуникација со Македонија како матична држава е слободна и е лишена од пречки, што е особено во спротивност со состојбите во Бугарија или во Грција. Австралиските политики овозможуваат пренос на македонскиот јазик, македонската култура или македонската историја кај второто и третото поколение на Македонци – истакнуваат нашите соговорници.
Денес илјадници Македонци живеат во Сиднеј, Перт и Мелбурн, а на пописите можат слободно да декларираат дека нивен мајчин јазик е македонскиот, нешто што е оневозможено во Бугарија или во Грција. Македонците во Австралија не се соочуваат со забрани и препреки, па, оттука, уште во 1946 година беше формирана Македонско-австралиската народна лига, која имаше околу педесет разграноци и сопствен весник „Македонска искра“.
Споменатата организација и нејзиниот весник се оформија во симбол на македонската национална свест, а во 70-тите години на 20 век се формираа и десетици други македонски друштва, спортски клубови, медиуми итн., кои продолжија да ги негуваат македонската култура, јазик и историја. Македонските друштва и организации ги пренесуваат македонските национални особености кај новите генерации. Оттука, Илинден се празнува со масовни собири и се искажуваат пораки што имаат македонски патриотски дух и чувство за македонска припадност, што не е поимливо во Бугарија и во Грција, каде што припадниците на македонскиот народ се маргинализирани – посочуваат нашите соговорници.
Македонскиот идентитет и искажувањето на македонската национална свест се условени од македонскиот јазик. Во Австралија македонскиот јазик се промовираше преку весниците, училиштата, ТВ-емисиите, радиото и телевизијата, а денес преку интернетот и социјалните мрежи. Доколку се спореди состојбата со балканските држави, очигледна е разликата. Во Грција јавната употреба на македонскиот јазик се ограничува, а во Бугарија, каде што македонскиот јазик не се признава за посебен, неговата промоција и употреба се ограничени од разни пречки.
Слободата наспроти асимилацијата и негирањето
Во Република Грција и во Република Бугарија, а половично и во Република Србија, општествата инсистираат на етничка и јазична хомогеност. Оттука, припадниците на македонскиот народ се соочуваат со негирање, игнорирање на правото на самоидентификација, јавна дискриминација и административни пречки. Во Република Србија постои правно признавање, но Македонците се соочуваат со доминантната српска култура и српската тезата за демографска ирелевантност. Спротивно од тоа, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада имаат свои организации и медиуми, а македонската култура, јазик и историја слободно се изразуваат и афирмираат.
Во Република Грција новородените деца не можат да добијат македонски имиња, а постоењето на македонските училишта или културни домови е мисловна именка. Денес македонската народна песна може да се слушне во селата каде што живеат Македонците, но сѐ уште постојат јавна грчка стигматизација и егзистенцијална несигурност. Слична е и положбата на Македонците во Бугарија, каде што бугарските институции ја применуваат доктрината за бугаризација, македонскиот национален идентитет го третираат како нешто што измислено од Јосип Броз-Тито или Коминтерната, а бугарските медиуми се заложници на бугарската националистичка парадигма – велат добро упатени лица.
Клучен фактор во зачувувањето и развојот на македонската национална свест во Австралија и во Канада се самоорганизираните друштва и организации што ги афирмираат македонските особености, за разлика од дел од балканските соседни земји, каде што постои државна политика насочена кон бришење на македонскиот идентитет.
Припадниците на македонскиот народ во Грција или во Бугарија се соочуваат со ограничување во промовирањето на сопствените јазични и културни особености, но и наметната асимилација и отворена негација. Тоа се одразува негативно врз континуитетот на македонската национална самосвест. Во Австралија и во Канада, пак, македонскиот идентитет слободно се пренесува и афирмира низ генерациите – нагласуваат нашите соговорници.
Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада многу послободно и без притисоци и опструкции ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави. Тоа се должи на историските околности, како што е поделбата на Македонија по Балканските војни, но и на асимилаторските националистички политики и дискриминации на Балканот, и од друга страна на слободата и демократијата во Австралија и во Канада.
Македонската дијаспора во Австралија е совршен пример за одржливоста на македонската национална свест и афирмација на македонското наследство, што е условено од демократијата и слободата, но и од фактот дека македонскиот идентитет може да се негува и брани само доколку се манифестира слободно, без пречки и ограничувања од државни институции што се задоени од радикални национализми – заклучува м-р Никола Огненовски./Автор: Душко Апостолoски, дописник од Австралија
Слободно национално битисување каде што негувањето на сопствената култура не се оспорува
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
