Случајот „Монструм“: Доживотен затвор за тројца обвинети, за двајца 9 и 15 години

Денеска во Кривичниот суд во Скопје, за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, за кои судијата рече дека се виновни за кривичното дело „тероризам“, добија доживотен затвор, обвинетиот Хаки Азири доби казна затвор од 9 години, а Фејзи Азири е осуден на казна затвор од 15 години. Поради недостаток на докази, ослободен е обвинетиот Сами Љута.

„Овде никако не се работи за обичен случај, туку станува збор за монструозно садистичко убивање и ликвидирање на деца, кои едвај станале полнолетни. Замислите како се чувствувале овие деца, клекнати на своите колена, што ли им прошло во таа секунда и како се чувствувале“, рече судијата при изрекувањето на пресудата.

Во претходната постапка, за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, по што случајот почна од почеток, во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, односно на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во завршните зборови, Обвинителството, на минатото рочиште, побара најстрога казна за обвинетите, по што во Скопје беше организиран протест од роднините и поддржувачите на обвинетите.

Advertisement