
Со проекцијата на кипарскиот филм „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Аристиду, вечерва во 21 часот во амфитеатарот во Стар Дојран ќе биде отворен официјалниот натпреварувачки дел од петтото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано за 20 часот, по што во 20.30 часот ќе биде прикажан краткометражниот филм „Вошки“ на македонската режисерка Роза Симоновска. Првата фестивалска вечер ќе заврши со концерт на групата „Пеперминт“, со почеток во 23 часот.
Фестивалската програма денес се одвива и во Струмица и Гевгелија. Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, од 11 часот ќе биде прикажан иранскиот филм „Без претходно закажување“, а од 13 часот следува програмата со краткометражни филмови. Во Домот на културата во Гевгелија, исто така од 11 часот на програмата е ирански филм – „Капетан”, додека од 13 часот публиката ќе може да ги проследи краткометражните филмови.
Според организаторите, за официјалната селекција оваа година се избрани филмови кои обработуваат различни проблематики од Медитеранот. Во официјалниот дел од програмата публиката ќе може да ги проследи и „Коцкарот” во режија на Мохсен Бахари од Иран, „Кома” во режија на Агим Абдула од Македонија, „Месо” во режија на Димитер Стојанович од Бугарија, „Одразот во мртвиот дијамант”, во режија на Елен Кате и Бруно Форцани од Белгија и „Кармадона” во режија на Александар Радивојевиќ од Србија.
Годинава публиката ќе може да погледне 16 краткометражни филмови од кои 10 домашни и 6 странски, како и 13 студентски од трите факултети.
За филмовите во главната селекција ќе одлучува жири во состав: Мирослав Митиќ, продуцент, Елеонора Венинова, режисерка и Емили Ришел, претставничка од Франција.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden